ПРАВИЛА НА ОДНЕСУВАЊЕ КОГА СТЕ ПОКАНЕТИ НА СРЕДБА ВО РЕСТОРАН -2 ДЕЛ

by ugostitelstvo.mk

Нашето однесување и манирите секогаш зборуваат многу за нас како личности. Затоа, секогаш треба да работите на вашето однесување и гестикулации. Тие се особено битни кога сте на маса заедно со други луѓе, без разлика дали се познати или непознати.

Однесувањето во ресторан или на свечена вечера, кажува многу, па, затоа ви нудиме неколку совети за тоа како би требало да го употребувате приборот за јадење или кои правила на однесување задолжително треба да ги почитувате.

Најнапред, запомнете дека приборот за јадење не се држи со цврст стисок со дланките, туку нежно и елегантно. Кога станува збор за употреба на приборот има два општо прифатени начини на употреба: “Continental Fashion“ и “American Standard“.

Првиот наложува да се исече еден залак со ножот, со виљушката да се земе залакот, но не и да се прободи истиот. Виљушката е секогаш во левата рака.
Американскиот начин сугерира да се исечат неколку помали парчиња од храната одеднаш, потоа виљушката да се премести во десната рака, ножот да се остави покрај чинијата и парчињата храна да се конзумираат, но не би требало да ја расечете цела храна одеднаш, туку само неколку залаци.

Кај нас, поприфатен е “Continental Fashion“ начинот за употреба на приборот.

Бидејќи секој ваш потег кога сте на маса заедно со други луѓе е важен, би требало да обрнете внимание и на неколку други детали:

– Не би требало во рацете истовремено да држите прибор и чаши. Оставете го приборот, па посегнете по чашата со пијалак и обратно.
– Оставајте го приборот исто онака како што сте го пронашле и не ги преместувајте предметите од масата само за вам да ви биде попријатно.
– Докоолку било што од приборот ви падне на земја, оставете го и замолете го келнерот да ви донесе нов.
– Не се пресегнувајте за да земете било што од масата. Наместо тоа, љубезно замолете ја личноста која седи до вас, да ви ја подаде, на пример, кутијата до зачини. Откако ќе употребите било што, вратете го на местото каде што било претходно. Нељубезно е да ја задржите кутијата со зачини покрај вашата чинија.

Како се јадат одредени видови на храна?

Кога јадете супа, најпрвин бидете внимателни. Супата треба да ја внесете во вашата уста од страната на лажицата, нечујно.

Парчињата леб никогаш не треба да ги јадете цели. Искршете ги на помали парчиња. Тост лепчињата или сусамките може да ги јадете без кршење единствено ако се премачкани со некаков намаз.

Бидете дискретни при секој потег

Секогаш пробајте ја храната која е сервирана во вашата чинија пред да посгенете по зачините. Не коментирајте гласно дали на јадењето му недостасува одреден зачин. Не претерувајте со шеќерот и вештачките засладувачи. Непотребната амбалажа од засладувачите оставете ја настрана, никако во чинијата.

Доколку одредена храна не ви се допаѓа само доближете ја салфетката до устата и дискретно тргнете ја од вашата уста. Тргнете ја салфетката настрана и побарајте нова од персоналот. Друга алтернатива е да се извинете, да станете од масата и да отидете до тоалет.

Чечкалиците за заби треба да се користат многу дискретно. Доколку мислите дека нема да успеете во тоа, најдобрата варијанта е да отидете до тоалет и да бидете сигурни дека нема остатоци од храна меѓу вашите заби.

Слични написи