Што е угостителска опрема?
Под угостителска опрема се подразбира целокупниот инвентар (крупни и ситни предмети), кои на било кој начин, директно или индиректно, гостите ги користат додека престојуваат во угостителскиот објект.
- Прирачна угостителска опрема
Прирачната опрема во угостителскиот објек ја сочинуваат: приборот за јадење, чашите, тенџерињата, тавите, штипките и се останато што служи за приготвување и сервирање на храна и пијалоци.
Што се однесува до прирачната угостителска опрема, посебно треба да се внимава истата да може лесно да ја надополните во случај кога ќе се скрши, загуби или амортизира. Под лесно надополнување на опремата се подразбира да можете секогаш да ја набавите производ од од истиот производител, во иста форма, состав и квалитет.
Ова посебно е важно за чашите, приборот за јадење како и помошните садови (сосиери, тацни и сл). Имено, многу непријатна ситација e ако одберете прибор кој во иднина нема да можете соодветно да го надополните, па ќе сервирате прибор од различни колекции.
Впечатокот што го остава дизајнот на приборот, посебно на оној што доаѓа во директен допир со гостите, не е ништо помалку важен од неговиот квалитет. Затоа посебно внимавајте на овој аспект од набавката на угостителската опрема.
Кога зборуваме за дизајнот на опремата, посебно треба да се внимава на тоа опремата да биде во склад со ентериерот на угостителскиот објект, а воедно и да соодветствува со понудата од вашето мени. Доколку импровизирате, на вашите гости им пренесувате порака дека сте непрофесионални и неупатени во угостителскиот бизнис. За жал, несоодветниот избор на приборот е многу честа појава во Македонските угостителски објекти.
Ако се работи за угостителски објекти со повисока категорија, без разлика дали се хотели или ресторани, изборот секогаш треба да биде од познати брендови на производители.
Имајќи предвид дека посетители на вакви објекти се гости кои се навикнати на квалитетна услуга, тие сигурно се и добри познавачи на водечките брендови на овие производи. Доколку се одлучите за опрема од висока класа, бидете сигурни дека гостите тоа ќе го препознаат, а со тоа тие посебно ќе го ценат вашиот труд при изборот на опрема или прибор.
- Индустриски машини или т.н. крупна опрема
Во категоријата на крупна угостителска опрма влегуваат уреди и опрема како што се: машини за правење мраз, разладни комори, разладни витрини, шпорети, машини за перење садови, тостери, разни колички, шанкови, разни пултови и сл. При изборот на оваа опрема посебно треба да се внимава на тоа каков квалитет таа поседува. Квалитетната опрема во угостителството е од посебна важност бидејќи таа има голема експлоатација, а истата се користи во допир со прехранбени артикли, па така опремата мора секогаш да биде исправна, лесно да се чисти и одржува во добра кондиција.
Следствено, опремата за која нема соодветно обезбеден сервис, воопшто не би требало да влезе во изборот на еден угостителски објект. Исто така, издржливоста и долготрајноста при зголемена експлоатација е многу битен фактор при изборот на опремата од овој тип.
Кога сме кај сервисирањето, посебно е важно деловите кои најчесто се расипуваат да може да се заменат со соодветни резервни делови и од трети производители. Во оваа категорија на делови се вбројуваат: термостаи, гумени затворачи, компресори, греачи и сл.
Дизајнот и ергономијата кај крупната угостителска опрема е исто така важен аспект при изборот, примарно доколку овозможува полесно и побрзо ракување со истата.
Задолжително ќе напоменеме дека и водата исто така е многу битен фактор за долготрајноста и исправнотфункцинирање на опремата. Се разбира, водата најчесто не можете да ја бирате или да ја замените, но секако дека можете да ја третирате и со тоа да го подобрите нејзиниот квалитет. Кај водата посебно треба да се води сметка за нејзината “тврдост” (количество на калциум и/или магнезиум во незиниот состав). Доколку во вашиот објект имате тврда вода, треба да набавите опрема со вграден депоратор или дополнително да вградите вие самите. Системот за депорација може да биде за целоит објект или поединечно за секој уред или дел од опремата. Функцијата на депораторот е да го спречи настанувањето на бигор, кој претставува најголем непријател на опремата. Ова посебно се однесува на машините за перење, ледоматите, машините за кафе и сл.
И уште еднаш, на крајот можеби најважно од се е да имате навремен и квалитетен сервис на вашата опрема. Доколку ова го решите на соодветен начин, со сигурност ќе заштедите време и пари, а на гостите ќе им испорачате квалитетна услуга, што е основна и примарна задача на угостителското работење.