Догодина нема да има ваучери за туризам

by ugostitelstvo.mk
Исплатени се сите фактури за септември и дел за октомври за ваучерите од мерката „Дома си е дома“. Од Министерството за економија за „Слободен печат“ информираат дека хотелиерите кои испратиле целосна документација ги добиле парите, а другите чекаат да се дополнат. Пари од ваучерите добија и голем број физички лица, сопственици на сместувачки капацитети.

Хотелиерите и сместувачите доставуваат извештај на крајот на месецот колку ваучери се искористени кај нив, по што им се исплаќа за услугата што ја давале. Ваучерите можеа да се користат од 15 јули до 15 декември годинава. Според исплатите на Министерството за финансии, граѓаните најмногу ги искористиле ваучерите за летување од 6.000 денари во хотелот „Инекс Дрим“ во Струга.

– Исплатата на ваучерите тече според динамиката. Заклучно со 12 ноември, исплатени се сите фактури од септември и дел од октомври. Нема доцнење во делот на исплатата, освен ако некоја фактура е некомплетна и се чека да се комплетира за да биде пуштена за исплата – велат од Министерството за економија.

Иако имаше предлог од ХОТАМ рокот на користење на ваучерите да се продолжи до 15 март 2021 година, Владата го одби ова барање бидејќи средствата за оваа мерка се издвоени само во овогодишниот буџет. Негативен е и одговорот за да се дозволи пренос на ваучерите меѓу најблиските членови на едно семејство.

– Барањето на ХОТАМ за важноста на ваучерите наместо до декември да се продолжи до март 2021 година не може да се имплементира, бидејќи средствата за реализација на проектот се предвидени во Буџетот за 2020 година. По однос на барањето ваучерите да може да се користат со пренесување во семејството, објаснивме дека носителот на ваучерот треба да биде и негов корисник, а со него можат да го користат и членови на семејството – додаваат од Министерството за економија.

И додека статистиката нотира драстичен пад на туризмот од 60,4 проценти во првите девет месеци од годинава, со минус од 83,8 отсто кај странските гости во однос на истиот лански период и минус од 20,7 проценти кај домашните гости, хотелиерите бараат да се направат измени во Законот за финансиска поддршка за платите за последните три месеци од годинава. Како што соопшти Здружението на угостителството и туризмот од Стопанската комора на Македонија, повеќето компании од овој сектор, но пред сѐ хотелите, нема да бидат во можност да ја искористат поддршката. Освен тоа, сметаат и дека како што е сега дефинирана во четвртиот пакет мерки, само делумно ќе ги ублажи негативните ефекти и последици од ковид-кризата.

– Голем број од компаниите од угостителско-туристичкиот сектор, пред сѐ хотелските објекти, се соочуваат со проблем околу користење на мерката – Финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати (октомври, ноември и декември), која воедно е и прва мерка од четвртиот пакет економски мерки што почна да се реализира. Проблемот е во условите што се утврдени во Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19, заради исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020. За таа цел, Здружението на угостителството и туризам при Стопанската комора на Македонија, бара измена на Законот со бришење на алинеја 2 и алинеја 3 од член 3 став 3 од Законот – соопштија од ХОТАМ.

 

Извор, СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

Слични написи