Како ќе се справат угостителите зимоска со пандемијата

by ugostitelstvo.mk

Со завршувањето на летната сезона на отворени тераси, рестораните и баровите на северната хемисфера ги мачи дилемата како да ги задржат клиентите што сакаат да седат надвор на топло за време на зимата. Познато е дека стапката на ширење на ковид-19 е помала на отворено, па, така, рестораните сакаат да направат простор да ги сместат оние што сакаат да бидат безбедни на терасите.
Кристин Канти, која е сопственичка на ресторан во Бостон, Масачусетс, надвор постави ескимски колиби за да може да се смести група на луѓе. Во својата изјава за „Би-би-си“ таа се надева дека на овој начин ќе може да продолжи со работа и во ладните месеци, но враќањето на инвестицијата ќе се исплати во зависност од временските услови зимоска. Канти додаде дека ваквите конструкции засега се популарни кај клиентите, а и други ресторани се заинтересирале да ги постават.

Борба со британските временски услови

Во Лондон голем број ресторани отворија тераси и наоѓаат начини како да го задржат нивното функционирање. Во Тотенхем, во северен Лондон, пивницата „Бивертаун“ инвестира во стреа. Пивницата беше отворена повторно во јули, по неколкумесечна пауза, а нејзината менаџерка Меган Вејтс очекува да продолжи со работа и да му пркоси на лошото време со поставување грејни тела. Џон Сканлон, менаџер на „45 Парк лејн“, истакна дека неговиот ресторан поставил надворешни грејни тела и ќебиња, а исто така го изолирал просторот од улицата со висока ограда за да биде поинтимно, за гостите да уживаат во сите периоди од годината. Меѓу другото, Сај Олдхам исто така инвестирала во грејни тела во својот бар „Фар кет“ во Чикаго, кој е познат по студените и ветровити зими, така што за неа е успех ако може да работи барем два месеци. Таа исто така направи брендирани ќебиња и нуди голем избор топли пијалаци, а гостите биле задоволни што имаат простор каде да излезат, затоа што повеќето локали почнале да затвораат.

Дебата за животната средина

Побарувачката за грејни тела значително се зголеми, а поради тоа некои од бизнисмените велат дека немаат можност да нарачаат. Пит Арнолд, претседател и извршен директор на американската корпорација АЕИ, која произведува надворешни грејни тела, вели дека побарувачката се зголемила „најмалку двојно“ одошто е вообичаено за овој период од годината. Неговата фирма функционира повеќе од 55 години, а ваква побарувачка како во последните 90 дена досега не била забележана.
Иако ваквиот вид надворешни грејни тела се успешни во практика, тие станаа цел на критики од страна на поборниците за заштита на животната средина, кои тврдат дека трошат премногу енергија и создаваат непотребни емисии на јаглерод.

На некои места во Франција се забранети, иако дури наредната година се очекува забраната да стапи во сила. Француската министерка за екологија Барбара Помпили ги опиша надворешните грејни тела или климатизација како „еколошко отстапување“. Но, како што се развива пандемијата, некои градови размислуваат да ги користат ваквите грејни тела како помош во угостителската индустрија.
Њујорк исто така дозволи употреба на надворешни грејни тела на пропан. Во Европа, германскиот град Есен се надева дека ќе може да ги користи до крајот на март, иако технички се забранети, како што пренесуваат локалните медиуми. Многу баварски градови исто така бараат да се дозволи нивната употреба. Франкфурт веќе дозволи нивна употреба поради пандемијата.

Нова Македонија

Слични написи