Туризмот прв беше блокиран, последен ќе се реактивира, неопходна е владината помош

by ugostitelstvo.mk

Стопанската комора на Македонија, објавува серија написи за тоа каква е состојбата во македонското стопанство во услови на пандемија. Главните елементи на овие секторски анализи се неизвесност, пад во производството во споредба со лани, намалени нарачки од странство и барања за помош од државата. Угостителско – туристичкиот сектор останува под целосна блокада поради корона-вирусот – првиот што целосно беше блокиран и според очекувањата последен што ќе се реактивира.

Туристички агенции, хотели, ресторани, туристички водичи, сообраќај (копнен и воздушен), секој со својата специфика во работењето, сѐ уште функционираат со минимален капацитет. Агенциите своето опстојување го гледаат во продажба на неколку регионални дестинации, хотелите се надеваат на ваучерите за одредена категорија на граѓани, сообраќајот е речиси целосно надвор од функција, а и туристичките водичи кои работат како „фриленсери“ годинава останаа без активности.

Ако август месец даде мала надеж со активирање на неколкуте туристички дестинации во земјата, поради структурата на кризата, дејноста речиси во целост ќе биде блокирана до крајот на годината со најава за негативни ефекти и на почетокот од идната. Индустријата вработува околу 30.000 лица и околу 6.000 делови субјекти. Иако директното учество на секторот во БДП е во проценти мало, сепак работата на овој сектор директно влијае и на други сектори – освен транспортот и земјоделско прехранбениот сектор, градежниот сектор, индустријата за мебел, занаетчиството и други пропратни дејности.

Веднаш по формирањето на новиот владин тим беше реализирана работна средба на раководството на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија со министерот за економија Крешник Бектеши на која беа акцентирани мерките кои во иднина ќе треба да се преземат со цел намалување на штетите.

MKD

Слични написи