Хотелиерите очекуваат дека повеќе од 50 отсто од капацитетите во септември ќе им бидат полни, но сепак им фалат меѓународните семинари кои претходните години носеа голем број гости
Од ХОТАМ велат дека за октомври не можат да прогнозираат како ќе поминат со посети. Оваа година во хотелите престојуваат домашните туристи, а бројот на странци е мал поради наметнатите ограничувања за патување. Објаснуваат дека претходните години меѓународните семинари им носеа и по 500 гости, кои реализирале и по 2.000 ноќевања, но оваа година, се организираат само семинари со помал број на гости поради пандемијата на коронавирусот и протоколите кои мора да се почитуваат.
„Кога се одржуваа меѓународните семинари, зависно од капацитетот на хотелите, се пополнуваше повеќе од еден хотел. Сега ваквите настани ги нема поради пандемијата“, наведуваат од ХОТАМ.
Од лекарската фела велат дека претходните години имале барем по два семинари годишно.
„Се одржуваа конгреси, симпозиуми, на кои предавачите беа од регионот, а слушателите од Македонија, но сега поради пандемијата настаните се префрлени на веб“, објаснуваат од Лекарската комора на Македонија.
Настаните од меѓународен карактер ги откажуваат и невладните организации. Од Младинскиот сојуз Крушево велат дека за оваа година откажале 8 настани на кои требало да присуствуваат и странци. Додаваат дека пандемијата ги доведе во ситуација или да одржуваат настани на интернет, или тоа да биде на отворено, со мал број на присутни.
„Настани организираме на отворено, со маски, да има дистанца, и го ограничуваме бројот на гости до 30. Со странци не може да се организираат настани, затоа што дури и да дојдат кај нас, дел од нив откако ќе се вратат во нивните земји треба да бидат во карантин, и практично ќе треба да изгубат скоро цел месец поради присуство на еден настан. Секој септември, од 2003 година наваму правиме конференција со учество на 58 активисти, а вкупниот број на присутни беше околу 80, но сега тоа ќе мора да се одржи на интернет“, вели Методија Стојчески, извршен директор на Младински сојуз Крушево.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јуни 2020 година изнесува 5.210, а бројот на ноќевањата е 14.179.
Бројот на туристите во јуни 2020 година, во однос на јуни 2019 година, е намален за 95.6 отсто, а бројот на ноќевањата е намален за 94.6 отсто