На денешната владина седница беа усвоени протоколите што ги предложи Комисијата за заразни болести во врска со работата на базените и на плажите во пандемија на КОВИД-19, а беше променет и протоколот за работа на угостителските објекти, соопшти Владата.
Според усвоените измени и дополнувања на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана се укинуваат ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето со кое се определуваше дека на една маса можат да седат четворица само ако се од исто семејство.
Протоколот за работа на плажите предвидува задолжителното почитување на основните превентивни мерки за носење лична заштитна опрема на лицето, за физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, често миење на рацете со вода и сапун, и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите.
Предвидено и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 метри квадратни нето површина.
Се забрануваат групните спортови, како одбојка на плажа, и задолжително е одредувањето лица кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките.