НУК, БАРА ДА СЕ САНКЦИОНИРААТ И СИТЕ УГОСТИТЕЛИ ШТО НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ ПРОТОКОЛИТЕ.

by ugostitelstvo.mk

Изминатите денови сведоци сме на т.н. масовно непочитување на Протоколите за работа на угостителски објекти на дел од угостители и угостителски објекти во повеќе градови на Македонија. Фактот дека и по разни извршени инспекциски надзори и контроли истите угостителски објекти и понатаму продолжуваат да работат прекршувајќи и непочитувајќи ги во целост сите Протоколи за работа на угостителски објекти со што го доведуваат и загрозуваат целосно здравјето на угостителските работници, како и јавното здравје на сите граѓани и гости со што во целост ја загрозуваат и деградираат егзистенцијата на угостителската индустрија.

Апелираме на Владата и сите инспекторати за овие угостители и угостителски објекти не само да поднесуваат Кривични пријави туку да применат поригорозни мерки, максимално да ги санкционираат и во целост да се забранат со вршење на дејноста.
Очекуваме директорот на ДПИ Стојко Пауновски да ги одржи своите зборови да издаде решенија и да ги затвори и пломбира овие угостителски објекти и јавно да ги објави имињата на угостителите-сопственици и угостителски објекти кои не ги почитуваат Протоколите за работа и вршат дејност целосно во спротивност со пропишаните здравствени протоколи.

НУК ги повикува Здружението на естрадни уметници и сите DJ-диџеи, естрадни уметници и музички групи да не дозволуваат да бидат користени нивните имиња како носители и причинители за организирање на разни прослави, настани и забави и да не настапуваат на места каде угостителските објекти немаат лиценци за работа, односно во угостителски објекти каде не се почитуваат соодветните протоколи за работа.
Очекуваме од ДПИ да ги санкционира и сите музички групи, DJ-диџеи и естрадни уметници кои допринесуваат и се носители со своето учество да бидат организирани разни настани и забави каде не се почитуваат протоколите на работа и истите да бидат подеднакво санкционирани како и угостителските објекти, а нивните имиња да бидат јавно објавени.

Апелираме и очекуваме од останатите институции и МВР да ги евидентираат и сите гости кои допринесуваат за прекршување на Протоколите за работа да бидат соодветно санкционирани и веднаш бидат упатени во државен карантин или самоизолација.

НУК – Независната угостелска комора во целост се оградува од сите угостителски објекти кои заради лични профити ја користат моменталната ситуација и организираат разни веселби, свадби, настани и прослави притоа кршејќи ги во целост сите важечки Протоколи за работа и загрозувајќи го здравјето на угостителските работници и јавното здравје на сите граѓани.

Овој наш апел е со цел за сите угостителски објекти кои во целост ги почитуваат и применуваат Протоколите за работа на угостителски објекти, да им се дозволии и овозможи и понатаму да работат со цел да можат да ги одржат своите угостителски бизниси, покријат трошоците на работење и задржат вработените на работа.


Здравко Јосифовски
Претседател

Слични написи