Му велиме ли, збогум на туризмот

by ugostitelstvo.mk

Над 5.000 граѓани ќе бидат отпуштени од работа, семејните бизниси ќе се затворат, многу родители ќе останат без плата и никаков приход за нивните деца. Нула денари приход, а веќе 121 ден поминати.
Државо, благодариме што се грижиш за нас!

Ова го кажувам во име на сите агенции. За да им биде појасно на луѓето што не можат да нè разберат, а деновиве се уверивме дека има многу од нив, ќе се обидам да објаснам.
Уште откога стигна оваа корона на злото, сè запре. Животот запре. Но сметките не запреа. Тие пристигнуваат уредно секој месец. Два месеца живеевме како во филмска научна фантастика. Датумот 14 март, означен на работниот календар во агенцијата, оттогаш не го помрднав. Тоа беше мојот последен активен работен и среќен ден. Остана како слика во рамка.

Секој живот е променет. Луѓето се сменија. Навиките се сменија. Стравот влезе во секој човек, за здравјето и животот на своите најблиски. Карантин мерен со денови. Полициски час мерен со часови, секојдневно. Монотонија. Одењето во продавница стана и е стресно за многумина.
Некои работеа малку, некои уште помалку, некои се „убиваа“ од работа, некои воопшто не работеа.
Дали има потреба да се објаснува како влијаеше тоа врз туризмот? Дали има потреба да се објаснува дека туризмот е единственото нешто што не се движи од 18 март? Дали има потреба да се објаснува како ни изгледа нашиот живот од 18 март 2020 година?
Изгледа дека има.
На 18 март беше прогласена вонредна состојба и отидовме на присилен годишен одмор, за разлика од повеќето што работеа, без разлика дали од дома или не, без разлика дали со намален обем на работа или не. Но ние немаше што да работиме, ниту од дома, ниту онлајн. Ние само ги броевме деновите и се надевавме на нов почеток од старото време што си го живеевме.

Точно, добивме помош од тебе државо и некое друго олеснување, но тоа е малку за нас. Нам времето на кризата ни се одолжи, ни се продолжува секој ден во недоглед.
Се вративме на работа кон почетокот на мај. Колку бевме среќни и надежни. Очекувавме дека луѓето ќе можат да патуваат од средината на мај, ги слушавме очекувањата на нашите патници дека едвај чекаат да одат на одмор (а ние живееме од тие одмори), се надевавме дека ќе заработиме минимум, за минимална плата, а за целосна плата можевме само да сонуваме, па велевме ,,само да почнеме да работиме“…
Се донесе уредбата за заменски ваучери на уплатените одмори, а ние честопати наидувавме на безброј прашања од нашите странки, надевајќи се дека сѐ ќе помине и дека е ова само еден обичен сон. На сите проблеми со кои се боревме бевме психолози полни со разбирање, се обидувавме да ја предвидиме иднината, разговаравме со секој клиент детално. Смирувавме. Тешевме.

Сега, за жал, не се живее од туризам во Македонија. И дури и да живееме, ќе биде тешко за нас да преживееме. Дури ни тогаш.
Туризмот е мртов. Туризмот и нашите туристички агенции со кои до пред извесно време се гордеевме.
Разбира ли некој во државава дека ние, агенциите, не можеме да заработуваме моментално? Тоа нема да се случи барем до мај 2021 година. И тоа ако научиме да живееме со оваа ,корона!
Кажи ни, државо, што да работиме дотогаш? Како да опстанеме? Ние не сме навикнати да не работиме! Ние никогаш не сме престанале да работиме откако сме отвориле, дури понекогаш и без заработка! Како и од што сега ќе живееме ние и нашите семејства?

Прочитајте:
Што се тоа „Post Opening“ и „Soft Opening“ фази

 

Кажи ни, државо, од што да ги плаќаме вработените, придонесите, кириите,
телефоните и другите расходи. Како да ги враќаме кредитите, каматите што доаѓаат, а згора на сето тоа да ја одржиме ДОВЕРБАТА на нашите ценети и верни клиенти, на кои треба да им ги исполниме ветувањата за одмор и по оваа корона?
И треба ли да ве потсетиме дека превозниците, водичите, хотелиерите, угостителите зависат од туристичките агенции… Сега бројката од 5.000 е смешна. Но кога ќе се зголеми бројката од над 5.000, воопшто нема да биде смешна.
Дали некој разбира колку ни е потребна државна помош? Дали некој сфаќа дека сме точно 121 ден без приходи? А животот каков-таков започна, сметките не престанаа, како што реков.
Туризмот мора да постои. Веруваме дека ќе се согласите со тоа. Луѓето имаат и ќе имаат потреба да патуваат на одмор, да ги посетуваат своите роднини и пријатели што се во друга земја, посета на егзотични места, да се запознаат со метрополите итн.
А за тоа сме им потребни ние, агенциите. Ние што ја разбираме и ја сакаме нашата работа. Ние што знаеме многу за местата што патниците сакаат да ги видат. Ние што знаеме какви се хотелите и услугите.

Ние што знаеме дали автобусите имаат вифи, клима… Ние што ги слушаме желбите на патниците и ги правиме побогати со уште едно доживување што ќе го паметат. Ние што преку нашите водичи при секое патување се грижиме за секој детаљ од патувањето и преку нив им раскажуваме приказни што не може да се слушнат секој ден.
Слушни го, државо, нашиот глас!
Ние сега сме на работ на егзистенцијата, заедно со нашите семејства. Плус колеги од преостанатиот хотелско-угостителски сектор – водичи, хотелиери, превозници.
Подај ни рака сега! Или една гранка на економијата ќе исчезне, а некои од нас ќе бидат гладни или на улица.

Туристички агенции од Македонија

 

НОВА МАКЕДОНИЈА

Слични написи