Туризмот бара помош од државата за да излезе од лавиринтот на коронавирусот

by ugostitelstvo.mk

Туристичките агенции и туристичките водичи бараат поддршка од државата за да ги надминат загубите кои ги трпат поради пандемијата. Туристичките агенции, кои поради пандемијата повеќе од 100 дена воопшто не работат, профитот им е нула, а имаат трошоци за кирии, сметки, плати, велат дека доколку ваквата ситуација продолжи, голем дел од нив ќе банкротираат и од септември ќе бидат принудени да затворат, да останат без работа. Слична е ситуацијата и во другите сегменти на туризмот, каде што аранжманите се откажуваат, а загубите се зголемуваат

Пандемијата го парализираше туризмот. Состојбата е загрижувачка во сите сегменти на туризмот кој бараат помош од државата за да излезат од лавиринтот на коронавирусот. Туристичките агенции и туристичките водичи бараат поддршка од државата за да ги надминат загубите кои ги трпат поради пандемијата. Од Сојузот на стопански комори велат дека за да се подобри состојбата во туризмот потребна е активна меѓународна промоција на земјата како безбедна туристичка дестинација

Туристичките агенции, кои поради пандемијата повеќе од 100 дена воопшто не работат, профитот им е нула, а имаат трошоци за кирии, сметки, плати, велат дека доколку ваквата ситуација продолжи, голем дел од нив ќе банкротираат и од септември ќе бидат принудени да затворат, да останат без работа.

За да можат да продолжат да работат тие бараат државата не им исплати неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени, минимална плата од 14.500 денари, платени придонеси, одложување на исплатата на кредитите, ослободување од ДДВ, одобрување бескаматни кредити… Едно од нивните барања е и да им се помогне на новоформираните агенции, кои ја немале можноста воопшто да почнат со работа и се ставени во ситуација да отпуштаат вработени поради тоа што немаат приходи.

Сепак, револтирани се на одлуката на Владата за приложување на негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа при влез во државата или државен карантин од 14 дена, која бараат веднаш да се укине. Доколку не се исполнат овие нивни барања тие најавија дека ќе излезат на протест.

И од ССК потврдуваат дека состојбата во туризмот е загрижувачка и оти овој сектор го чека тежок период.

Според претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Владимир Граматиков, она што туристичкиот сектор очекува да биде направено во следниот период е активна меѓународна промоција на земјата како безбедна туристичка дестинација, адаптирање на моделот на субвенционирање кон новонастанатите потреби на пазарот и поддршка на авиосообраќајот како главен двигател на туризмот.

– Светот постепено се враќа кон туризмот. Шпанија и Италија кои беа најпогодени, веќе ги отвораат границите и ги примаат првите туристи, но и на светско ниво гледаме дека сите големи светски дестинации масивно работат на промоција на своите држави како безбедни туристички дестинации. Конкуренцијата на светскиот пазар е огромна. Светски познатите дестинации вложуваат огромни напори и големи суми на субвенции за да ги привлечат туристите. Свесни сме дека оваа година многу помалку ќе се патува поради економската ослабеност и поради стравот од ковид и на нас останува дали нешто ќе преземеме и ќе фатиме чекор со останатите земји, вели Граматиков.

Туристичките работници велат дека допрва ги чека мртов период и не знаат како ќе ги поминат наредните месеци. Тие додаваат дека луѓето се плашат да патуваат и да резервираат, бидејќи не знаат како ќе се одвива ситуацијата со коронавирусот.

ВЕЧЕР

Слични написи