Странските гости ги нема, а домашните не можат да ги пополнат капацитетите.

by ugostitelstvo.mk

Хотелиерите уверуваат дека целосно ги имаат исполнето препораките од протоколот, но стравуваат дека оваа летна сезона е пропадната, прашање е само колкав ќе биде минусот. Странските гости ги нема, а домашните не можат да ги пополнат капацитетите. За да опстанат и да не ги затворат капацитетите од државата бараат олеснување на процедурите за влез и излез од државата и отворање на авионскиот и патниот сообраќај.

 

Хотелите и домашните сместувачки капацитети се подготвени да ги отворат вратите за гости кој беа затворени повеќе од четири месеци. Тие уверуваат дека целосно ги имаат исполнето препораките од протоколот, но стравуваат дека оваа летна сезона е пропадната, прашање е само колкав ќе биде минусот. Странските гости ги нема, а домашните не можат да ги пополнат капацитетите. За да опстанат и да не ги затворат капацитетите од државата бараат олеснување на процедурите за влез и излез од државата и отворање на авионскиот и патниот сообраќај.

Според хотелиерите мерките за заштита биле горе-долу очекувани, дури и познати со оглед на практиките насекаде низ светот каде што веќе се работи со тој вид дејност во новонаметнатите услови. Велат ќе има мали тешкотии додека се фати ред, но сето тоа може и ќе се решава во од, додека се приспособуваат на ситуацијата. Меѓутоа главниот проблем на хотелиерите се гостите, затоа што најголемиот број реализирани ноќевања тие ги остваруваат токму од аранжманите за летување продадени преку понудите на тур-операторите од странство. Што се однесува до домашните гости велат дека резервации слабо се прават и оти има понекоја за јули и август. Поголема посетеност очекуваат во септември и октомври. Предупредуваат дека ако не се олеснат процедурите за влез и излез од државата и не се отворат авионскиот и патниот сообраќај, нивните капацитети ќе стават клуч.

-Хотелите може да опстанат ако капацитетите им се исполнети минимум 45 отсто, а засега јунската, па и јулската сезона се пропаднати. Секојдневно ја губиме конкурентноста во однос на регионот кој ги либерализираа мерките и постапките за заштита ги сведува главно на лична одговорност, предупредуваат хотелиерите.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, изјави дека ситуацијата во туристичкиот сектор ќе се следи постојано, па во согласност со состојбите на терен така ќе се менуваат и мерките и ограничувањата за работењето во секторот.

-Според светската туристичка организација, оваа 2020 година ќе биде најкатастрофалната година кога е во прашање туризмот, со пад од некаде 60 и 70 проценти. Светските дестинации успехот во туризмот оваа година ќе го мерат според тоа колку ќе биде помал минусот. Секој минус помал од 35 до 40 проценти кога се работи за Македонија треба да се смета за успех, вели Јаневски.

Според податоците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, бројот на странски туристи за април оваа година, споредено со лани, е намален за 98 проценти, што е очекувано со оглед на ситуацијата, во која, во односниот период, 158 земји од светот вовеле целосна изолација.

Покрај хотелите од Охрид и Струга и хотелите во Дојран се подготвени за да ги дочекаат првите гости. Во сите хотели, приватни сместувачки капацитети и угостителски објекти строго ќе се применуваат мерките за заштита од Ковид-19, а послужувањето на гостите ќе се врши само на маса, без традиционалното самопослужување на „шведска маса“, ќе се почитува пропишаната дистанца од 1,5 до два метра меѓу масите, персоналот ќе носи заштитна опрема, а за пултовите за рецепција обезбедени се монтажни прегради.

 

ВЕЧЕР

Слични написи