Дел од хотелските капацитети на струшкото крајбрежје, денеска не отворија. Иако протоколите им беа доставени минатата недела и можат да отворат, дел од хотелиерите прашуваат која е логиката да работат, кога нема ниту еден турист. Некои планираат да почнат со работа од јули.
„Можевме да стигнеме, но не брзавме бидејќи сите гости се откажани, сите групи се откажани. Официјално од почетокот на следниот месец ќе отвориме. Се планира некаде околу 1 јули“, рече Ана Јанчева, менаџер на хотел.
Јанчева вели дека наместо најдобра година, како што се очекуваше, ќе бидат среќни ако летово работат и со 30 отсто од капацитетите. Во некои од хотелите беше повикан целиот персонал. Се чистеа собите, се уредуваше просторот, но не знаеј да кажат кога ќе ги отворат вратите.
„Како и повеќе од хотелите и ние не отворивме, бидејки протоколите многу доцна дојдоа, а дел од нив се и тешки за спроведување. Не верувам дека ќе има туристи ова лето. Резерациите со аранжмани се откажани и во јули, а се откажани и за август“, изјави Висар Љумани, хотелиер.
Во Охрид само дел од поголемите хотели отворија, но и таму нема гости. Речиси сите ги намалија цените на своите аранжмани. Хотелиерите велат дека протоколите значат потреба од повеќе персонал и поголеми трошоци.