Салите бараат дозвола за свадби – „Владата неправедна со одлуката за не организирање на свадби“

by ugostitelstvo.mk

Салите за свадби веќе четири месеци се затворени и состојбата поттикна револт не само кај нив туку и кај другите бизниси кои се поврзани со организирањето на свадбите. Во Тетово околу 50% од свадбите се откажани или одложени на неодредено време. Од Советот на сали за свадби во Тетово велат дека тие побарале од Владата и министерството да излезат со конечна одлука бидејќи не знаат како да постапуваат. Според Ќендрим Зендели, доколку Владата донесе одлука свадбите да не се одржат во сала за свадба, многу печалбари нема да дојдат.

„Имајќи предвид дека и Министерот за здравство најави дека ситуацијата е под контрола и покрај страшната бројка, доставивме барање до Влада, доколку сите други бизниси се отворени, зошто само ние продолжуваме да сме затворен. Во барањето истакнавме дека ќе ги почитуваме сите правила и протоколи на Министерството за здравство заедно со Владата како да продолжиме во иднина со работа. Четири месеци сме затворени и доколку продолжиме и понатаму додека трае пандемијата, тоа ќе претставува проблем за нас како претпријатие“, истакна Ќендрим Зендели.

Од друга страна и пејачот Бајрамали Идризи вели дека владината одлука е бесмислена бидејќи веќе се отворени сите други бизниси и само организирањето на свадбите е забрането и е спротивно одлуката за отворање на границите.

„Ние очекуваме позитивна одлука и тие кои резервирале свадба чекаат и постојано комуницираме за тоа што ќе се случи понатаму. Сега се отворија и границите и луѓето имаат надеж дека многу наскоро ќе почнат свадбите и нивните активности и мислам дека државата треба да биде еднаква за сите профили и во овој случај само ние и рестораните сме оштетени“, посочи Бајрамали Идризи.

Со оваа владина одлука индиректно се погодени и многу други бизниси како што се фото студијата, декорации, слаткарниците, месарите и бизнисите кои се занимаваат со дистрибуција на пијалаци. Од Советот  на сали за свадби велат дека доколку Владата не донесе позитивна одлука, тие ќе побараат финансиска помош бидејќи не можат да преживеат.

TV 21

Слични написи