Од 11 автокампа во Македонија, до денеска само 4 се пријавиле дека ќе примаат гости што ќе плаќаат со ваучери за домашен туризам

by ugostitelstvo.mk

Автокамповите со различно толкување на протоколите – дали во еден бунгалов или во приколка е можно сместување само на членови од семејство или не.

 

Од 11 автокампа во Македонија, до денеска 4 автокампа се пријавиле дека ќе примаат гости што ќе плаќаат со ваучери за домашен туризам, велат од Министерството за економија. Утре, пак, е последниот рок до кога туристичките капацитети можат да побараат да учествуваат во проектот „Дома си е дома“.

Според информациите што ги добивме од Министерството, барање за ваучерскиот туризам поднеле автокамповите „Ливадиште“ и „Ас“ од Струга, „Автокамп 2020“ од Охрид и автокампот „Отешево“ од Ресен. На листата ги нема познатите камперски места „Градиште“ и „Љубаништа“, но интересно е што иако го нема и автокампот „Крани“ од Преспа, тој веќе објавува реклами во кои ги поканува имателите на ваучери за туризам да дојдат на одмор во ова одморалиште. Тоа го проверивме и телефонски каде што љубезно ни одговорија дека може да престојуваме и да платиме со ваучер. Од друга страна, пак, во „Ливадишта“ беа воздржани и ни кажаа дека ќе има можност да се плаќа со ваучер, но дека тоа ќе го објават кога официјално ќе биде објавена листата на капацитети што учествуваат во проектот „Дома си е дома“. Оваа листа ќе биде објавени на 5 јули.

Според информациите што ги добивме од камповите, сместувањето во четирикреветни бунгалови со сопствен тоалет и кујна е од 1.500 до 1.800 денари дневно, а сместувањето во приколките, во зависност од временскиот период и од кампот е од 500 до 1.200 денари дневно.

Она што е особено интересно во однос на кампувањето е прашањето: Кој може да се смести во еден бунгалов? Додека во Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување) е наведено дека „во сместувачките капацитети со повеќе кревети можно е сместување само на гости од едно домаќинство, коишто ќе го докажат тоа при пријавувањето“, во Протоколот за работа на автокамповите, вакво нешто не е прецизирано, туку пишува: „Да се почитуваат мерките за максималниот дозволен број лица во затворени простори (како објекти, камп-приколки, детски клубови, спортско-рекреативни објекти)“.

Ова во камповите различно го толкуваат. Така, во „Крани“ се јавивме како заинтересиран граѓанин за летување во бунгаловите и бидејќи се тие со две соби, прашавме дали е можно два пара да летуваат во ист бунгалов и добивме негативен одговор, односно дека тоа е спротивно на мерките на Владата. Но во автокампот „Извиднички центар“ – Охрид ни кажаа дека четворица од различно семејство може да престојуваат во еден бунгалов. Во Протоколот за автокамповите пишува дека меѓу лежалките на плажа, меѓу столовите во рестораните и меѓу камперите треба да има растојание од 1,5 до 2 метри, а пропишани се и мерките за прием, дезинфекција, информирање…

Инаку, според податоците што денеска ги добивме од Министерството за економија, за ваучерски туризам се пријавиле 492 туристички капацитети, а се одобрени 325, додека за 8 се чека дополнителна документација.

Ваучери за туризам по 6.000 денари добиваат граѓаните со плати до 15.000 денари, така што во едно семејство вакви ваучери може да добијат повеќемина.

СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

Слични написи