Намалено ДДВ-то на храната во рестораните во Бугарија

by ugostitelstvo.mk

Бугарскиот парламент го прифати предлогот на владата за намалување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) на храната во рестораните и кетеринг услугите на девет отсто почнувајќи од јули.

Пониските даноци ќе останат на сила до крајот на 2021 година како привремена мерка која треба да го поддржи опоравувањето на тој сектор тешко погоден од коронакризата.

Намалувањето на ДДВ нема да важи за алкохолните пијалаци во рестораните и кетеринг услугите, на кои и понатаму ќе се плаќа ДДВ од 20 отсто.

Премиерот Бојко Борисов го изнесе планот за намалување на данокот минатиот месец и покрај противењето на неговиот министер за финансии. Тој се најде и на критика на економистите кои кажаа дека тоа ќе поттикне многу други сектори да бараат намалување на даноците.

Бугарската влада очекува економијата годинава да падне за три отсто, додека Европската комисија очекува значително поголем пад, од 7,2 отсто.

Стапката на ДДВ во Бугарија изнесува 20 отсто на сите стоки и услуги, и е главниот извор на приход во земјата чии данок на доход и корпоративен данок од 10 отсто се меѓу најниските во ЕУ.

Парламентарците изгласаа и намалување на ДДВ на книгите, одредена детска храна и пелени на девет отсто, што исто така ќе биде на сила од јули до крајот на следната година.

Пренесено од : МКД

Слични написи