Туристичкиот сектор бара обештетување за да ја преживее годината.

by Goran Damcevski

Домашните и гостите од регионот - спас за туризмот

Стопанската комора за туризам секогаш бара мерки кои лесно може да се изведат и не задираат многу во буџетот на земјата, но со третиот сет мерки ќе бараме обештетување од државата, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, Емил Димитровски, претседател на Стопанската комора за туризам. Тој вели дека туризмот сè уште не го видел најлошото од економската криза и дека со обештетувањето ќе му се даде поттик на туристичкиот сектор да ја преживее оваа година. Димитровски зборува и за здравствениот пасош за летување и за тоа дали може да се искористат потенцијалите што ги нуди државата за туризам.

Господине Димитровски, претставувате нови мерки за справување со последиците од коронавирусот во туристичкиот сектор. Дали тоа значи дека не сте задоволни со досегашните мерки на Владата?

Стопанската комора за туризам на Македонија има одлични релации со Министерството за економија и со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Сега сме уште во тој вториот пакет на мерки, каде што бараме да се дефинира отворањето на ресторантскиот дел во хотелите, за да може барем хотелите надвор од Скопје да работат, убаво е времето, дадени се годишни одмори, да може да бидат посетувани, но не само како лежај, туку да биде посетуван и ресторантскиот дел и да може хотелите да работат и во ресторантскиот дел.

Исто за превозниците бараме мерка, каде што ќе има ослободување на дел од регистрација за наредната година, бидејќи факт е дека плаќаат полна регистрација, а овие два-три месеци автобусите се во мирување, немаат никаков прилив, а платени се и зелени картони за надвор, значи сметаме дека со ваучер систем, не со ќеш пари, при регистрација треба да бидат ослободени од дел од таа регистрација што ја плаќаат.

Потоа бараме бонитетот за 2021 за успешност на фирма за учество на тендери да не се смета од 2020, туку од 2019 како би можело и компанија која би западнала во финансиски проблеми да биде рамноправна, бидејќи не западнала по нејзина вина, туку по општа вина.

Во однос на Агенцијата за поддршка и промоција имаме барање сите компании кои вршат, дали се тоа хотели или инкаминг агенции, промоција на Македонија за враќање на странските туристи, таа промоција да им биде покриена финансиски од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот. Мислам дека и оваа мерка би била прифатена.

Стопанската комора за туризам секогаш се концентрира конкретно на оперативата и на мерките коишто лесно може да се изведат. И во овој дел бараме мерки кои нема многу да задираат во буџетот на Македонија, бидејќи си ја знаеме состојбата во државата, но сепак во третиот сет на мерки што планираме да го бараме, прво чекаме целосно да се пушти во функција стопанството и потоа ќе бараме обештетување, бидејќи одредени компании навистина нема да може да издржат во понатамошниот период, бидејќи економската криза ќе се прелее и во другите месеци. Ние најлошото во економијата се уште не го немаме видено во туристичката гранка и сметаме дека тогаш со обештетувањето ќе се даде поттик, импулс да може да се преживее оваа година, па од 2021 да работиме нормално.

Државјаните на земјите членки на ЕУ ќе може да патуваат летово со здравствен пасош. Дали очекувате истите услови да важат и за македонските државјани?

Јас очекувам истите услови да важат и за македонските државјани, но не сум сигурен дека ќе може да патуваат со здравствен пасош, бидејќи за таква информација се зборува, само не сум сигурен дека е донесена. Но верувам дека Македонија ќе направи билатерални договори со соседните земји, бидејќи надминувањето на состојбата во туризмот најдобро е во почетокот да биде во соработка со соседните земји, значи да си помогнеме со Србија, Албанија, Бугарија, Грција, за да можеме да ја надминеме состојбата.

Се користат ли доволно потенцијалите за развој на туризмот кои ги нуди државата?

Развојот на туризмот е комплексна работа, не е само државата што нуди, тука имаме спрега на три дела – населението, државата со мерките и третиот е локалната самоуправа. Сите тие три треба да функционираат како сад, за да може да се направат добри пакети, но не само да се направат добри пакети, него и тие да бидат постојани. Затоа што може да донесете гости еднаш, но доколку не е добро повеќе нема да може да ги вратите. На еден незадоволен гостин имате десет откажувања, ако имате еден задоволен, ќе имате уште двајца нови гости. Мора да функционираат сите тие три сегменти. Знаете дека, за жал, Македонија беше една од позагадените области, Скопје тука највеќе, и имаме голем проблем и со ѓубрето, со комуналниот дел, затоа реков за развој на туристичкиот сектор мора сите тие три компоненти да работат како сад.

Агенцијата за поддршка и развој на туризмот започна кампања за промоција на заборавените дестинации во државата. Ќе вроди ли кампањата со плод имајќи ги во предвид проблемите кои ги споменавте?

Имаме одлична соработка со Агенцијата и сметаме дека ќе може и за поголемо вклучување на македонскиот пазар во Македонија ќе биде добра улогата на ваучерот што би требало да се издава за К-15, но верувам дека тоа ќе биде од наредната година, бидејќи колку што слушнав оваа година К-15 нема да се дава. Во однос на сегашната кампања „Летувај дома“ дефинитивно поради состојбата капацитетите во Македонија ќе бидат посетени од македониките туристи. Ако летно време имавме аутгоинг 200 илјади патника, сега таа бројка можеби ќе се преполови, тоа се гледа и со откажување на одредени чартери, намалување на хотелскиот дел во Грција, но ќе функционира аутгоингот, за сметка на тоа, особено постарите луѓе, ќе ги посетат нашите предели, ние имаме одлични предели, имаме голем подем на туризмот за разлика од пред 20 години во Македонија, никогаш ние нема да бидеме задоволни, бидејќи нормално е постојано да бараме нови мерки, градоначалниците повеќе да си ја вршат работата, државата повеќе да дава во промоција, значи тоа е нормална постапка, наша е да притискаме, нивно е да менаџираат во заедничка полза.

Радио Слободна Европа

Слични написи

Leave a Comment