Стопанството дише „на шкрги“, секоја трета фирма бара помош.

by goran

Секоја трета фирма во земјата побарала помош од државата за да исплати плата. Од околу 21 илјади компании, една четвртина се од најпогодените сектори, што зборува дека и другите дејности се зафатени од кризата. Помошта кон стопанството треба да биде поголема, велат економистите.

Речиси секоја трета компанија во земјата побарала државна помош за исплата на плати за април. Повеќе од 21 илјади компании ќе добијат по минимална плата (14.500 денари) за вработен, како дел од антикризните мерки за ублажување на последиците од коронавирусот. Околу 5000 од овие фирми се од дејностите угостителство, туризам и транспорт, кои беа посочени како најпогодени од кризата предизвикана од вирусот.

Последните податоци на Заводот за статистика, кои се однесуваат на 2019, покажуваат дека во земјава има скоро 76 илјади активни фирми. Најголем дел од нив, околу 80 отсто се фирми со од 1 до 9 вработени.

Професор Марија Зарезанкова – Потевска вели дека поголем дел од фирмите се пријавиле за државна помош, како што вели, не затоа што толку им треба, туку за да ги искористат поволностите кои им се нудат.

„Кризата нè погоди сите, и како луѓе и како претпријатија, и стопанството многу ќе страда. Идниот пакет на мерки многу ќе зависи и од тоа до кога ќе трае кризата, до кога ќе траат мерките итн. Во секој случај, на претпријатијата во вакви кризни состојби треба да им се помага, а секогаш ќе има некои кои се незадоволни, некои помалку или повеќе задоволни, но ако државата има средства, треба да им се помага“, вели таа.

Владата како мерка за справување со последиците од кризата врз економијата во два наврати одобри и бескаматни кредити за фирмите со вкупен износ од околу 13 милиони евра. Од линијата Ковид 1 се одобрени кредити за 738 компании со 6524 вработени. Износот на овие кредити изнесува 5,5 милиони евра. Најголем дел од нив, односно околу 77 проценти се за микро компании до 10 вработени. Од одобрените кредити, 21 отсто се за малите компании до 50 вработени, а околу два отсто од кредитите се за компаниите кои имаат над 250 вработени.

За втората линија бескаматни кредити – Ковид 2, се примени околу 2.500 апликации. Повикот трае до 13 мај.

Се подготвува и нов сет мерки. Од владејачкиот СДСМ посочија дека со новите мерки ќе се даде директна поддршка за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка, насочени кон реконструирање и заживување на македонската економија.

Целиот текст прочитајте го на  Радио Слободна Европа

 

 

Слични написи

Leave a Comment