Што ви треба ако патувате во Грција.

by goran

Пиерија, Халкидики, Тасос, Споради и Јонските Острови се најпопуларните туристички дестинации во Грција. Секоја година ги посетуваат неколку милиони туристи. Многумина, на кои Грција им е блиску, таму одат и само за викенди.

Но, голем број фактори ќе влијаат врз оваа туристичка сезона, а некои од нив се целосно непредвидливи. Грците се надеваат дека најблиските соседи ќе ја спасат оваа сезона, односно туристите од Балканот.

Доаѓањето на туристите од Балканот е условено од отворањето на границите, но и од воспоставувањето на здравствени протоколи. Оваа година на плажите ќе мора да се држи социјална дистанца, а посебно внимание ќе се посветува на чистењето на сместувачките капацитети.

Според одредени грчки медиуми, тамошната влада вредно работи на склопување билатерални договори бидејќи освен Грција, границите ги затворија и соседните земји. Доколку сѐ оди според планот, граничните премини би можеле да почнат со работа уште кон крајот на мај.

Заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Теодороос Караоглоу, во пишан предлог до владата предложил отворање на 4 гранични премини – еден од границата со Турција, потоа Промахонас, односно Драготин (со Бугарија), Евзони, односно Богородица и Кристалопиги, односно Смрдеш (со Албанија). Предложено е и здравствените екипи да вршат 24-часовна контрола на оние што влегуваат и излегуваат од земјата – во првата фаза тоа би значело мерење на температурата.

– Очекуваме нашите балкански соседи да одат на одмор со нивните автомобили. Но, прво мораме да ги почекаме одлуките за отворањето на границите и протоколите врз чија основа ќе работат туристичката индустрија и здравствените инспекции – истакна градоначалникот на Халкидики, Стелиос Валианос.

Тој додаде и дека летувалиштата Уранополи, Ерисово и Амолјани очекуваат илјадници верници кои ќе се упатат кон Света Гора, како и дека постои можност за отворање општински клиники за корона кои ќе даваат и психолошка поддршка.

Претседателот на Панхеленската федерација на хотелиери, Григорис Тасиос, пак, не е баш оптимист. Тој вели дека иако луѓето од Балканот планираат да одат во Грција, тие мора да ги почекаат упатствата за отворањето на границите и утврдувањето на конечните здравствени протоколи. Тој смета дека дури ни тогаш нема да биде сигурно дали туристите ќе можат да одат во Грција бидејќи ќе треба да се види дали пропишаните мерки ќе можат да се применат во практика.

– Отворањето на границите нема да биде тежок процес, но тоа не може да се каже и за влегувањето на туристите во земјата. Има многу прашања што е неопходно да се решат пред да дозволиме голем број луѓе што биле во подрачјата погодени од вирусот да влезат во земјата – истакна тој.

 

Податоците покажуваат дека голем број туристички агенции од Балканот ги откажале организираните патувања. Но, освен оние што одат преку агенции, се очекува илјадници Бугари, Срби, Македонци и други да одат во Грција бидејќи многу од нив имаат купено куќи таму.

Слични написи

Leave a Comment