По повод Светскиот ден на туризмот, Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје како единствена придружна членка на Светската туристичка организација (UNWTO) од Република Македонија, во партнерство со Qatar Airways и Хотел „Мериот” Доха на 27.09.2017 година го одбележа Светскиот ден на туризмот. Централниот настан се случувал во Доха, Катар, а мотото за поддршка на глобалната кампања е „Патувај, Уживај, Почитувај“ (Travel, Enjoy, Respect).
На вчерашниот настан присуствуваа видни претставници од релевантните институции од Р. Македонија, претставници од дипломатскиот кор како и претставници од бизнис секторот. Настанот започна со говор од страна на ректорот на Универзитетот за Туризам и Менаџент проф. д-р Аце Миленковски, каде што тој зборуваше за глобалното значење на туристичката индустрија, со глобален економски развој во поглед на нови работни места, екологијата, климата и климатските промени.
Свое обраќање имаше и амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, Неговата Екселенција, г-дин Мартин Безак, кој упати голема благодарност до ректорот и вработените на УТМС за долгогодишната соработка. Во знак на благодарност на библиотеката на УТМС и подари две енциклопедии од Р. Словачка, по полето на географијата.
По повод Светскиот ден на туризмот, комерцијалниот директор на Qatar Airways Скопје, Шабан Алтај, на најдобрите студенти на УТМС им додели четири авио билети Скопје-Доха, а Хотел „Мериот” Доха им додели четири викенд ноќевања.
Настанот беше завршен со настап на пејачот Владо Јаневски.
*Фотографиите од настанот се преземени од официјалната веб страна на Университетот за Туризам и Менаџмент