Активности на здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија

by ugostitelstvo.mk

Hotam-15.06.2015-1Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, преку Регионалната комора со седиште во Охрид, а во соработка со Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ, одржаа заеднички состанок. На состанокот, што се одржа во Охрид, се разгледаа повеќе точки, кои угостителите, а и воопшто туристичките работници ги посочуваат како проблеми со кои се среќаваат во секојдневното работење.

Вработувањето сезонски работници, субвенционирањето на девизниот прилив од туризмот и угостителството и нелојалната конкуренција од „Човек-агенциите“, кои на пазарот излегуваат со сомнителни понуди, ниски цени и неквалитетни услуги, беа темите дефинирани за состанокот.

Во делот на примена на Законот за сезонски работници, забелешките на угостителите се дека тој треба да претрпи измени, во делот на вработените во хотелско-угостителските објекти кои работат во одредени сезони од годината, бидејќи во тој период вработените се максимално ангажирани, а по завршување на сезоната останува недефинирано како може да им се надоместат прекувремено одработените саати. За таа цел, на состанокот беше констатирано дека ќе треба да се види искуството од земјите, пред се`, во регионот како е решено ова прашање и согласно македонските услови да се направат соодветни измени на Законот, за што Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија и ХОТАМ ќе достават конкретен предлог до надлежните владини институции. Во таа насока беше разговарано дека за вработените во угостителството и туризмот неминовно е да се направат корекции и на Законот за хонорарно вработени лица, за што исто така е потребна дополнителна анализа.

По основ на прашањето за субвенционирањето на девизниот прилив од туризмот и угостителството, беше посочено дека оваа стимулативна мерка била применета во изминатиот период, но за истата повторно да биде активирана во следниот период првично ќе биде направена детална анализа пред да се даде конкретен предлог како истата да гласи.

Угостителите, хотелиерите и воопшто туристичките работници забележуваат и на нелојална конкуренција од „Човек-агенциите“, кои на пазарот излегуваат со сомнителни понуди, ниски цени и неквалитетни услуги, што, како што рекоа на состанокот, во овој период од годината е посебно изразено во Охридско-струшкиот регион. На состанокот беа присутни и претставниците од Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, кои констатираа дека е добро што на ваков начин се разговара за сите овие проблеми и дека се подготвени како да помогнат во решавање на проблемите кои ги посочуваат учесниците во дејноста туризам и угостителство, со напомена дека сите предлози и иницијативи што стигнуваат до нив треба да бидат во писмена форма, со цел да има следственост при решавање на истите.

Учесниците на состанокот посочија дека дел од нив имаат информација дека се подготвува туристичка инспекција, што ќе значи контрола и поголем ред во работата во оваа дејност, но при тоа забележаа дека е неопходно во следниот период да се контактираат и останатите инспекциски служби со цел решавање на нелојалната конкуренција на пазарот, која допира и други сегменти од работењето.

Здружение на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија

Слични написи