Санитарни задачи и санитарност на храна

by ugostitelstvo.mk
санитарност

Одржувањето на квалитетот на храната е од најголема важност. Преку исхраната  гостите можат да внесат разни бактерии и паразити кои во најмала рака ќе имаат непријатни, а во некои екстремни случаи и смртни последици. Затоа е важно сите вработени во ресторанот да ја одржуваат личната хигиена, хигиената на приборот, како и да применуваат соодветни техники за приготвување и складирање на храната за да се елиминира опасноста од некои сериозни заболувања кои можат да се добијат преку неквалитетна храна. Ова посебно важи за послужувачите, бидејќи тие не само што директно ракуваат со храната, туку и се во постојан контакт со гости, пари и предмети кои се внесуваат во ресторанот и за кои не може да се знае дали со себе пренесуваат некакви бактерии или заразни болести.

Следниве совети можат да помогнат во драстично намалување на опасноста од заразни болести:

  1. Осигурајте се дека униформата, рацете и ноктите ви се чисти. Користете соодветни додатоци на униформата кои ќе спречат да ви паѓаат влакна во храната или на работните површини.
  1. Мијте или дезинфицирајте ги рацете при секоја можност за контаминација со бактерии како: пред започнување на работниот ден, после употребата на тоалетот, кашлање, ќивање, пушење цигари, јадење или пиење, ракување со пари и валкани чинии. Држете ги рацете на страна од лицето и косата.
  1. Рацете се мијат со средство наменето за таа цел. Темелно истријте ги рацете најмалку дваесетина секунди. Фокусирајте се на деловите под ноктите и помеѓу прстите и темелно исплакнете со вода. Славината допирајте ја со хартиени марамчиња или крпи за една употреба. Никогаш не користете пешкири или некаква ткаенина за сушење на рацете, бидејќи тие се подложни да собираат бактерии.
  1. Никако немојте да работите доколку имате отворена рана, настинка, грип или било каква заразна болест. Известете го надлежниот за вашата состојба. Раните целосно се прикриваат со санитарен завој.
  1. Никако немојте да работите доколку сте биле заболени од Хепатит А, Ешерихија Коли и слични бактерии и болести, се додека не добиете соодветен медицински третман и документ дека не сте повеќе заболени.
  1. Чистите чинии држете ги оддоздола или допирајте ги за рабовите, чашите за основите и приборот за дршките за да избегнете контаминација на храната и деловите кои ја допираат устата.
  1. Складирајте ги сите чинии, прибор, чаши и предмети кои се користат при местење на масата на чисто, суво место, најмалку триесет сантиметри над земјата и заштитете ги од муви, прашина, флеки и слично.
  1. За пребришување на масите користете чиста крпа која била чувана во санитарни услови. Никако не користете крпа која е користена за нешто друго. Бришењето на масите се врши во еден правец во вид на 8 осмица, по подигнувањето на крпата истата морате да ја превртите на другата (чистата) страна и да продолжите со бришењето. Никогаш немојте да бришете напред назад со крпата, така само ја размачкувате нечистотијата. Со посебна чиста крпа пребришувајте ги столчињата и истата немојте да ја користите за масата.
  1. Валканите чинии држете ги на страна од храната. Отстранете ги сите валкани чинии од масата пред да го послужите следниот ганг.
  1. Веднаш заменете го приборот кој паднал на земја.
  1. Под никој услов не мешајте стара со нова храна.
  1. Ладните јадења треба да се чуваат на температури под 5 степени Целзиусови, а топлите над 60 степени Целзиусови. Мешајте ги повремено додека се складирани.
  2. Кога надополнувате вода, кафе или вино, не ги допирајте чашите со шишето или бокалот за да избегнете контаминација од чаша на еден гостин до чаша на друг.
  1. Учтиво потенцирајте им на гостите дека чисти прибор и чинии се користат при секое користење на бифе со самопослужување. Постојано собирајте ги валканите чинии и упатете ги гостите кон чистите.

    За повеќе информации и консултации:

    Regent Club – Training Center

    тел. 02 / 3119-615
    [email protected]

Слични написи