Голф туризам ќе се развива во Зелениково

by ugostitelstvo.mk

Документацијата за изградба на голф терени е целосна и завршена, па сега бараме инвеститори, и преговараме со заинтересираните инвеститори, вели градоначалникот Груевски

Голф-терени на површина на 65 хектари земјиште ќе никнат во општина Зелениково. Површината наменета за оваа спортска рекреација се подготвува, а во моментов се бараат инвеститори кој ќе го изградат спортскиот комплекс. Градоначалникот Веле Груевски за Вечер вели дека триесетина километри од Скопје, Зелениково е општина во развој, која ќе се развива во областа на индустријата, туризмот, изградбата на спортски објекти и изградба на домови за живеење. За поврзаноста на општината до другите скопски општини е патот кој е поврзан со општина Аеродром, редовниот автобуски превоз на ЈСП кој стигнува до сите населени места, а оттука поминува и меѓународна железничка станица, која се обраќа на релција Скопје – Солун.

– Општината Зелениково е во развој, се повеќе граѓании се заинтересирани за изградба на деловни објекти, бензински станици, изградба на објекти за лесна незагадувачка индустрија и стоваришта. Документацијата за изградба на голф-терени е целосна и завршена, па сега бараме инвеститори, и преговараме со заинтересираните инвеститори, вели градоначалникот Груевски.

голф
Природата и зеленилото, убавата местоположба, далеку од градскиот метеж, а сепак во близина на Скопје, е тоа што ја прави општината Зелениково уште попривлечна за инвеститорите, но и за граѓаните кои се повеќе решаваат да градат живеалишта и викенд куќи далеку од брзиот и хаотичен живот во градот.

– Се повеќе граѓани се заинтересирани за изградба на живеалишта и викенд куќи, па заради тоа обезбедивме 260 хектари земјиште кое ќе биде наменето за домување. Во моментов се работи на довршување на планот, а од наредната година ќе се продаваат парцелите преку електронско наддавање, посочува Груевски.

Тој понатаму истакнува дека во завршна фаза се и подготвителните работи за отворање на најсовремениот овошен расад на Балканот. Проектот е турска инвестиција и се простира на површина на 20 хектари земја, потенцираше градоначалникот.

Доказ за развојот на општината е и објавата за отуѓување на градежно неизградено земјиште на територија на општина Зелениково, кое е во сопственост на Република Македонија. Станува збор за објави за продажба на 1 градежна парцели за изградба на бензински станица, 7 парцели за изградба на објекти за комерцијални и деловни намени и 10 градежни парцели за изградба на објекти за лесна незагадувачка индустија сервиси и стоваришта.

Превземено од: Агенција за промоција и поддршка на туризмот

Слични написи