Новата генерација доаѓа на сцена, подгответе се за промени

by ugostitelstvo.mk

Современиот концепт на патувањата се повеќе се менува и редефинира со зголемување на присуството и влијанието на генерација “Y”.

Односот на оваа генерација родена во периодот помеѓу 1979 и 1994 година, по многу нешта се разликува од нивните претходници, генерациите “X” и “baby boom” а се должи на голем број фактори, вклучувајќи го развојот на новите технологии. Ова е генерација на млади луѓе која верува во други вредности а најважна им е мобилноста,  достапноста на брз интернет, флексибилност и објективното мислење. Родени во “постиндустрискиот период”, заситени од агресивниот маркетинг, тие не веруваат слепо во маркетиншките кампањи.

Зголемувањето на бројот на патници и гости од младата генерација, начинот на кој тие ги користат модерните технологии за комуникација и резервација, има големо вијание на туристичката индустрија, до точка кога бизнисите немаат друг избор. Од суштинска важност за оваа дејност е будно да ги следи трендовите и да го прилагоди бизнисот и да одговори на потребите и навиките на генерациите што доаѓаат. Според истражувањата и предивидувањата на Светската туристичка организација (UNWTO) до 2020 година се очекува да бидат реализирани речиси 300 милиони младински патувања на годишно ниво.

Резервации и планирање на патувањето

планирање на патување
Кога станува збор за резервациите и планирањето на патувањата, 32% од нив користат паметни телефони, а 20% користат таблет уреди. При планирање на патувањата, речиси три четвртини од  патниците од генерацијата Y, ги користат апликации на своите мобилни уреди. За 80% од нив е важно мислењето на претходните корисници на одредена услуга и ревносно ги следат коментарите и критиките оставени на интернет страниците и форумите поврзани со патувањата.

Програми на лојалност

Голем број од претставиците на Генерацијата “Y” учествуваат во некои од програмите на лојалност. При резервација на хотелите и билетите за превозните средства, 51% од нив водат сметка за различните бенефиции како што се попустите, бесплатните патувања и поените што ќе ги заработат, што е далеку повеќе од повозрасните патници (30%)  кои пак се повеќе заинтересирани за наградни патувања и лојалноста кон одреден бренд. Помладите патници нема многу да се двоумат да ја откажат веќе направената резервација или да ја променат авиокомпанијата доколку некоја друга нуди подобра опција. Генерално за новата генерација е карактеристично дека има помалку лојалност кон одреден бренд за разлика од повозрасната генерација.

Бизнис и задоволство

Значајна карактеристика на новата генерација е нивната потреба и тенденција за обединување на бизнисот и задоволството.

Ланецот хотели Hilton Garden Inn спроведе анкета, според која 84% од патниците се заинтересирани за продолжување на деловното патување за неколку дена како би си приуштиле време за одмор, уживање и истражување на дестинацијата на која дошле од деловни причини. За 65% од нив, ова е всушност најзанимливиот дел од патувањето.

Младински хостели

хостел за млади
Хостелите се се повеќе фаворизирани меѓу младите патници, како поевтина алтернатива и место за престој каде се помалку осамени во споредба со престојот во индивидуална хотелска соба. Речиси 20% од посетителите на синџирот на Generator Hostels се млади бизнис патници на кои дружењето и создавањето нови пријателства им е императив.

Прилагодување кон потребите

 За да ги задоволат потребите на новата генерација, хотелите мора да задоволат неколку услови. Пред се е потребно да има насекаде достапен брз интернет. Идеалните хотели за нив се оние кои имаат обликувано простори за дружење и социјализација, како и простории наменети за опуштање. Времето за служење на храна да е флексибилно наместо фиксирано како во повеќето класични хотели.

Генерацијата Y бара мноштво активности и динамичност за време на одморот. Тие сакаат искуства кои можат да ги доживеат со сите сетила и максимален квалитет за најниска цена. Задоволен гостин е оној кој објавува фотографии и коментари на Facebook и Tweeter, а “лајквите” што ги собира се најдобрата можна реклама. Така е барем засега, а веројатно така ќе остане до доаѓањето на некоја следна генерација.

Слични написи