Ќе се пренуркува цело Охридско Езеро

by ugostitelstvo.mk
нуркање

Најстарото езеро во Европа, Охридско, ќе биде целосно изнуркано и истражено, со што првпат ќе биде изведен ваков историски зафат во Европа. На овој проект, кој ќе почне да се реализира викендов, ќе работи интернационалниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски-Мичо од нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, во соработка со „Пелистерка“.

Секулоски, заедно со тим нуркачи, својата авантура, нуркање по должината на целото езеро, ќе ја заврши за три месеци.
Езерото ќе биде изнуркано, како од македонска така и од албанската страна, на длабочина од пет до 15 метри, во должина од 80 километри и 322 метри. На македонска страна од езерото ќе се нурка во должина 50 километри и 960 метри, а од албанска страна 29 километри и 362 метри.

ЌЕ БИДАТ ВКЛУЧЕНИ 80 НУРКАЧИ

– Охридско Езеро е истражувано од страна на повеќе институции и поединци и во досегашните биолошки и археолошки истражувања се забележани голем број податоци, како за живиот свет во езерото така и за подводните археолошки локалитети и предмети од минатото, кои претставуваат културно и археолошко наследство. И покрај сите досегашни податоци што ги поседуваме, како и многубројните нуркања што се направени на голем број локации, сепак Охридско Езеро не е доволно истражено – вели Секулоски, кој е носител на највисоката титула во светот на нуркањето, со искуство од 30 години и со реализирани повеќе од 8.000 нуркања.

На секое нуркање ќе се прават подводни фотографии и видеоматеријал, а воедно ќе се позиционираат места што се интересни за научната и стручна јавност за понатамошни истражувања.
– На почетокот, на првото нуркање, ќе ме следат 40-50 нуркачи. А секој следен ден со два-тројца нуркачи ќе се движиме кон Струга. За нуркање во албанскиот дел имам професионален нуркач, кој ќе ме следи таму. Имаме предвидено сите податоци што ќе ги добиеме од албанскиот дел да ги дадеме на нивната страна за научни испитувања – тврди Секулоски.

ПОДВОДНИ КОМПЈУТЕРИ И СПЕЦИЈАЛНА ОПРЕМА

Во целиот потфат ќе бидат вклучени околу 80 нуркачи и еден управувач на моторен чамец, кој воедно ќе биде задолжен со ГПС секојдневно да ја обележува поминатата траса.
– Ако се земе предвид дека во текот на еден ден во просек може да се поминат околу 1.000 метри без задржување, тогаш за реализација на овој проект ќе требаат околу 90 дена. Но со оглед на тоа дека во проектот е предвидено да се врши подводно снимање, како и фотографирање и обележување, слободно можеме да констатираме дека за успешна реализација ќе бидат потребни околу 120 дена. Ова е голем предизвик затоа што температурата на водата е осум степени, ладно е, ама ние имаме посебна опрема за тоа. Имаме и спонзор на подводна опрема „Скубатро“, чие седиште е во Америка, кои ни донираа компјутери за под вода и специјална нуркачка облека. Кога им го покажавме проектот, веднаш се согласија да ни помогнат – додава Секулоски.

Снимениот материјал и подводните фотографии секој ден ќе се префрлаат на компјутер и по завршувањето на проектот снимениот материјал ќе се монтира и ќе се направи документарна емисија, а подводните фотографии ќе се зголемат и ќе се направи изложба на подводна фотографија.
Охридско Езеро е едно од најстарите езера во светот, неговата старост се проценува од 4 до 10 милиони години. Езерото се карактеризира со богата и специфична флора и фауна и во него живеат многу ендемични видови. Езерото лежи на надморска височина од 695 метри, зафаќа површина од 385,2 квадратни километри, максималната должина изнесува 30,8 километри, максималната широчина 14,8 километри, а најголемата длабочина изнесува 289 метри.



Стартот ќе биде од градското пристаниште во Охрид. На стартот во вода инструкторот на првото нуркање ќе го придружуваат околу 40 нуркачи, нуркачи од Бсн на АРМ, нуркачи од ЕСЗ на МВР, а ќе се нурка во правец на Струга (Св. Јован Канео – Грашница – Далјан – Андон Дуков – Подмолје – Сатеска – Езерски Лозја – Струга – Калишта – Елен Камен – Радожда – Лин – Уденишт – Мемелишт – Поградец – Тушемишт – Св. Наум – Љубаништа – Трпејца – Велидаб – Градиште – Пештани – Елешец – Лагадин – Којнско – Св. Стефан – Горица – Кеј Охрид, а целта ќе биде градското пристаниште во Охрид).




Во потфатот ќе бидат вклучени околу 80 нуркачи и еден управувач на моторен чамец со ГПС

Мапирани карти за загаденост и за археолошки локалитети

Организаторите на овој проект велат дека има низа причини за впуштање во ваква авантура: да се осознае повеќе за живиот свет, да се откријат нови археолошки локалитети и предмети што претставуваат културно наследство, да се даде целосна слика за состојбата на оваа водна површина од еколошки аспект, но и да се претстават убавините на ова езеро како неодминлив дел за развојот на туризмот.

– Да се направат подводни фотографии и снимен материјал на живиот свет, археолошки остатоци и конфигурацијата на дното
– Да се фотографираат и снимаат места во езерото што претставуваат еколошки проблем
– Да се направи целокупна документација за секое нуркање со позиционирање на поминатата траса и оддалеченост со помош на ГПС
– Да се води дневник со податоци за места, длабочини, температура на водата, подводни извори и други локации што ќе бидат од интерес на научната јавност
– Снимениот материјал ќе се презентира пред јавноста во вид на документарна емисија
– Ќе се печати монографија
– Изложба на подводни фотографии
– Изработка на мапирана карта со локации на загаденост
– Изработка на мапирана карта со подводни археолошки локалитети
– Изработка на мапирана карта со локации на загаденост од цврст отпад и други девастации на езерото

Превземено од novamakedonija.com.mk

Слични написи