Од 2 март во 13 кафеани во Дебар Маало, сите граѓани ќе имаат попуст на целото мени од 20 проценти. Ова го договорија сопствениците на угостителските објекти и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, со што им се излезе во пресрет на барањата на граѓаните.
Заедничка цел ни е легендарните кафеани во Дебар Маало да заживеат целосно. Го почнуваме и проектот Боемски кварт, 4 пати во годината Дебар Маало ќе живее со звукот на староградската музика, тамбурашите и далматинските клапи – најави градоначалникот Жерновски. Сите кафеани кои ја поддржуваат акцијата ќе бидат видливо означени, со соодветни налепници. До крајот на годината ќе биде завршен проектот Боемска улица. Ќе се простира од улицата Ѓорги Пешков, преку кружниот тек, се до влезот на градежниот факултет.