Гарнири и прилози за месо

by ugostitelstvo.mk

Речиси и да не постои порција со месо што не е збогатена со некаков додаток, првенствено од зеленчук, а не ретко и со овошје. Тие додатоци што се послужуваат со месото се нарекуваат гарнири и прилози. Многумина сметаат дека гарнир и прилог е едно исто. Но, не е така. Гарнирите и прилозите се различни како целина. Не само по начинот на подготовка, туку и по начинот на сервирање.

Гарнирот е дел од некое јадење со месо или со риба кој се додава со цел да се надополни јадењето со состојки што месото не ги содржи, но и да ги нагласи неговите карактеристични вкусови. Кога јадењата со месо или со риба се надополнети со гарнир или со сос, тогаш порцијата е една целина.

Под поимот прилози пак, се подрабираат различни додатоци што го збогатуваат подготвеното месо. За да се одбере соодветен прилог со некое месо потребно е стручно знаење. Секоја намирница има сопствени особености и секој различен начин на подготовка му дава на јадењето различен вкус што на луѓето различно им годи. При избирањето на намирниците за прилог треба да се води сметка и за сезоната кога се подготвува јадењето, затоа што не сите намирници им годат на луѓето подеднакво во секое годишно време. На пример, гравот или киселата зелка не се еднакво пријатни летно време или во зимските месеци.

Како и да е, јадењата што тука ги нарекуваме прилози, во вегетаријанската кујна на пример, се главни оброци, само пообилни од прилозите. Гарнирите и прилозите се послужуваат со месо, со риба или морски плодови. Овој пат, акцентот го ставаме на месото, а за гарнирите и прилозите за јадења од риба, следниот пат. Инаку, гарнирите се една од главните карактеристики на Француската кујна. Тие ги добиваат имињата според:

  • Имињата на готвачите кои ги измислиле
  • Имињата на луѓето во чија чест се подготвени (уметници, политичари, познати личности итн).
  • Местата и регионите во кои се произведуваат намирниците и каде настанале самите гарнири

slide-3-763x498

Гарнирот што се послужува со главното јадење пр. Со порција месо, го добива името според името на главното јадење. Ако, на пример, во менито е напишано Бифтек Rossini, тоа значи дека гостинот ќе добие со бифтекот и гарнир Rossini, а кој пак е пресметан во цената од менито. Со оглед на тоа дека гарнири составуваат луѓе од различни краишта, се случува да се сретнат два или повеќе гарнири со исто име, но, сепак со различен состав или намена.

Гарнири за јадења со месо

  • Пролетен гарнир – млад морков, аспарагус, грашок и репка, варени или динстани и полиени со путер.
  • Пекарски гарнир – компир пресечен на плочки, измешан со сланина, динстан кромид и печено во рерна.
  • Далматински гарнир – варен компир, блитва варена во солена вода, измешани и зачинети со маслиново масло и лук.
  • Принцески гарнир – аспарагус и сос од павлака, динствувани шампињони и германски сос. Овој гарнир обично се користи за бело месо (живина).

Прилози за јадења од месо

  • Варива од компир, зелена боранија, морков, спанаќ, грашок, грав, зелка, прокељ, тиквичка итн.
  • Зачинет зеленчук на: англиски, полски, француски, далматински, милански начин итн.
  • Паниран, похуван, запечен зеленчук.
  •  Разни прилози, како: тестенини, ориз, чипс, овошје, костени, разни јадења од брашно, палента, пециво, кнедли итн.

Grilovane jagnjeće šnicle-08

Послужување на гарнирите и на прилозите

Гарнири за јадењата со месо по правило, секогаш се послужуваат во посебни садови од оние во кои е послужено месото, без разлика дали станува збор за еден или за повеќе порции. Ако за иста маса се послужуваат повеќе порции од ист гарнир, тогаш гарнирите може да се сервираат во ист сад, но видливо одвоени едни од други. Сепак најдобар е, доколку тоа е возможно, а првенствено поради просторот, секој гостин посебно да ја добие својата порција со гарнир. Со гарнирот по правило нема додаток од прилог на некое јадење и обратно.
Прилозите пак, како составни делови на јадењата со месо, најчесто се сервираат во иста порција, а понекогаш и го прекриваат парчето месо. Доколку прилогот се послужува во посебна чинија, тогаш прво се послужува месото. Кога прилозите го покриваат месото, прво се послужува дел од прилогот, а потоа месото. Има случаи и кога прилозите и месото се измешани. Во тој случај се сервира по ред, без да се издвојува месото. При послужување на разни видови на кашички или пире од зеленчук, треба да се користи посебна лажица, но претходно истата да се потопи во сосот, за да може кашичката или пирето лесно да се одвои од лажицата.

Гарнирите и прилозите се дел од речиси секое јадење со месо, иако можат да се третираат и самостојно како засебен оброк. Кога се послужуваат со месо, допринесуваат за збогатен вкус и продолжено уживање.


За повеќе информации и консултации:

Regent Club – Training Center

тел. 02 / 3119-615
[email protected]

Слични написи