Прилози за јадења со риба

by ugostitelstvo.mk

Со јадењата од риба, кај нас, најчесто како прилог се послужува компир, подготвен на секаков начин (варен, пире, пржен, печен, рестуван…) или кромид, лук, магдонос и поретко блитва или спанаќ. За разлика од нашата, интернационалната кујна е многу побогата во однос на прилозите што се послужуваат со риба.

Заедничка карактеристика за сите светски кујни, кога станува збор за рибата, е дека се послужува главно со зеленчук како прилог. Зеленчукот може да биде варен (обарен), потпечен (во рерна или на скара) или пропржен на масло или на путер. Доколку сакате да одберете некој зеленчук поразличен од она што вообичаено го служите како прилог за некое јадење со риба, во предвид имајте ги карфиолот, печурките, модриот патлиџан, морковот, грашокот брокулата, аспарагус или оризот. Не дека и други зеленчуци не би се вклопиле добро, но, сепак светските искуства со овие зеленчуци, покрај оние што кај нас се најзастапени, покажуваат дека тоа се некои од најдобрите комбинации за порцијата со риба.

Како прилог за риба, карфиолот би можеле да го обарите и прелиен со холандски сос да го потпечете. Кога пишувавме за сосовите, веќе кажавме дека холандскиот сос им припаѓа на групата основни сосови и се подготвува со 150г. путер, 4 жолчки, 1 лимон, мелен бибер и сол. Печурките се исто така одлична комбинација за риба, а можете да ги пропржите на путер и да ги динствувате со долевање на вино,. Ако се одлучите за грашок, тогаш нема ништо поедноставно, обарениот грашок само се зачинува и се полева со растопен путер. Доколку пак сте за некоја малку “покомплексна” варијанта, тогаш ви ги препорачуваме морковите исечени на стапчиња и варени во зашеќерена вода, или модар патлиџан исечкан на тркалца, паниран и похуван. Комбинацијата за похување ја знаете, брашно – јајце – презла. Аспарагусот се исто така одличен прилог за со риба, сварете ги и зачинети полејте ги со оцетен сос. Брокулата обично се послужува само малку обарена, зачинета и полеана со маслиново масло, пред се за да не ги изгуби здравите состојки по кои е многу ценета. Кога таа е подложена на подолго топлотно третирање, губи значително од здравите состојки.

large

Што се однесува до оризот, вообичаено кога се послужува како прилог, се вари, се цеди, се суши и се додава малку путер. Еве предлог за два начина на подготовка на ориз кои совршено се совпаѓа како прилог со рибата. Ориз на милански начин – пропржен кромид, се додава шафран, маслиново масло, рендано сирење, бело вино, ориз и се залева со бујон, па се остава да се провари. Ориз на пијемонтски начин – во сварениот ориз се додаваат сотирани печурки или коцкички шунка. Прилог за риба може да бидат и разни тестенини, важно е да се добро исцедени и подгреани на путер, или, пак, полеани со павлака и потпечени.

Единствен гарнир што се смета дека е погоден за риба е Нормадскиот гарнир . Се подготвува од исчистени школки, опашки од ракчиња и динствувани шампињони прелиени со нормадски сос. Овој гарнир се додава исклучително со риба.

Постојат и неколку салати што се препорачуваат како прилог за јадењат од риба, но во прв ред тоа се француската, руската , или салатата waldorf.

Што и да подготвите како прилог, важно е рибата што почесто да ја имате на трпезата, овде нема да повторуваме за тоа колку е таа здрава намирница за исхраната. Ова посебно, доколку станува збор за свежа риба.


За повеќе информации и консултации:

Regent Club – Training Center

тел. 02 / 3119-615
[email protected]

 

 

Слични написи