Giada De Laurentiis, неуморната кулинарска супер – ѕвезда

by ugostitelstvo.mk
giada

Добитничката на наградата Еми, Giada De Laurentiis стана препознатливо име благодарение на импресивниот бекграунд како кулинарски шеф и уникатниот  личен шарм. Таа стекна светска респектабилна слава покажувајќи ги сопствените вештини во кујната не само со нејзиното присуство на ТВ – мрежата Food Network, туку и со големиот успех на нејзините издадени книги за готвење, брендирани производи и иновативни рецепти.

Родена во Рим,1970 Giada пораснала во семејство кое посветувало големо внимание на кулинарството. Таа e внука  на славниот филмски продуцент Dino De Laurentiis кој како дете ги продавал шпагетите подготвени од татко му, но подоцна интересот за филм го насочил кон друга професија. Сепак нитката на кулинарската традиција во семејството, по се изгледа дека “сакала” да се развие кај малата Giada, која пак, постојано била присутна во семејната кујна и доста време поминувала во ресторанот DDL Foodshow, во сопственост на нејзиниот дедо.

Иако станала дипломиран антрополог на Универзитетот Калифорнија во Лос Анѓелес, страста кон готвењето кај Giada не одминала во ниту еден момент. Одлучна дека сака животната кариера да ја гради како кулинар, заминува во Париз на професионална обука во престижното училиште за гастрономска уметност и култура, Le Cordon Bleu, каде  специјализира готварство и пекарство.По враќањето во Лос Анѓелес таа практикува во престижните ресторани Ritz Carlton Dining Room и Wolfgang Puck’s Spago во Беверли Хилс, за подоцна да ја основа сопствената catering компанија GDL Food.

По објавувањето на прилогот за неа и нејзиното семејство во магазинот Food & Wine во 2002 година, Giada е откриена од еден од извршните продуценти на ТВ – мрежата Food Network.

гиада

Во прво време Giada се чувствувала многу нелагодно пред камерите. Кога на програмата се емитувала  првата емисија, пристигнале писма во кои гледачи ја обвинуваат телевизијата дека ангажира модели и актери кои претендираат да готват, наместо вистински готвачи. Во една прилика Giada признава дека никогаш не сакала да биде дел од шоу бизнисот, како поголемиот дел од членовите на нејзиното семејство. Сепак, подоцна таа успева да се справи со предизвикот и станува омилено ТВ лице. Оттогаш наваму Giada гради успешна ТВ кариера и станува едно од најпрепознатливите ТВ – лица на Food Network. Телевизискиот ангажман ќе и ја донесе и престижната награда Еми, за најдобар домаќин на ТВ шоуто Everyday Italian, во категоријата за Life Style ТВ – програма.

Следниот проект, емисијата Giada’s Weekend Gataways дебитира во јануари 2007 година и и ја носи на Giada најшироката популарност ширум Америка, благодарение на идејната замисла на шоуто – посета и откривање на најмаркантните и најспецифични ресторани низ американските градови. Во меѓувреме Giada фигурира уште во неколку други проекти на матичната телевизија, се до есента 2008та, кога го стартува својот најамбициозен ТВ – проект, Giada at Home. Интресно, во ова ТВ – шоу популарната Италијанка подготвува оброци и забави за семејството и пријателите. Емисијата станува едно од најомилените на широкиот ТВ – аудиториум.

giada-de-laurentiis-healthy-tips-in-self-magazine

Она што е интересно да се спомне за неуморната Giada, се и печатените изданија и книги, преку кои таа ги споделува своите рецепти, искуства и знаење. Првата книга Everyday Italian, содржи дузина рецепти од нејзиното истоимено шоу. Нејзините две наредни изданија “Giada’s Family Dinners” и “Everyday Pasta”, списанието New York Times ги прогласува за  бестселери.Секоја наредна книга (“Giada’s Kitchen”, “Giada at Home”, “Weeknights with Giada”), побудува голем интерес кај публиката и ја потврдува популарноста на Giada.

Во 2010 година популарната кулинарка влегува во партнерство со компанијата Target, преку која ги лансира своите производи за продажба и тоа по широко прифатливи цени. Производите се движат од секакви видови сосови за паста и ароматични кафиња до разни кујнски садови и алатки. Челични непорозни садови, ќерамички тави, најлонски алатки, ножеви и друг прибор се само некои од популарните творби на  амбициозната Италијанка.Минатото лето, Giada го отвори и својот прв ресторан, што го носи нејзиното име, а сместен во луксузниот хотел Кромвел во Лас Вегас. Ресторанот е со отворена кујна, па гостите можат да видат како се подготвува храната.

Со желба да ја покаже и својата хуманост, Giada се вклучува во проектот на хуманитарната организација Oxfam America, фокусирајќи се на борбата против гладот на милијарда луѓе ширум светот.Минатата година Giada по прв пат се појави и на насловните страници на жолтиот печат, по објавувањето на разводот со нејзиниот сопруг Todd, со кој ја има ќерката Jade. Но, тоа е друга приказна…

Слични написи