Кои објекти потребно е да плаќаат за ЗАМП и ММИ

by ugostitelstvo.mk
ugosatitelstvo.mk

ПРАВНИТЕ СУБЈЕКТИ ОБРЕМЕНЕТИ СО ДОПОЛНИТЕЛНИ ТРОШОЦИ
СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ ПРАВА

 

Хотели, ресторани, сите видови угостителски објекти, супермаркети и серија други правни субјекти, но и физички лица за музиката што ја пуштаат во своите простории согласно Законот за авторското право и сродните права, имаат обврска да плаќаат надомест по два основа  кон Здружението за заштита на авторски и музички права – ЗАМП и кон Макдонската музичка индустрија ММИ.

  • Кон ЗАМП (организација за колективно управување на авторските музички права), обврските се плаќаат по основ на користење, односно јавно објавување на музички дела и
  • кон ММИ (организација за колективно управување на сродните права на произведувачи на фонограми и уметници музички изведувачи), обврските се плаќаат по основ на користење фонограми и изведби.

Како доаѓа до обврската хотелите, рестораните, сите видови угостителски објекти, супермаркети и серија други правни субјекти, но и физички лица, за музиката што ја пуштаат во своите простории, да плаќаат паричен надомест? Тоа е дополнителна парична обрвска која го обременува и така тешкото работење на деловните субјекти од повеќето дејности кои се опфатени со ова законско решение.  

Со Законот за авторското право и сродните права се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела, правата на уметниците – изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми, на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни прва, остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот. Во таа насока Законот овозможува формирање на организации, во случајот ЗАМП и ММИ кои во име на наведените категории уметници, а со цел остварување на нивното право, наплатуваат надомест од корисниците.

www.ugostitelstvo.mk

Износите што треба да се плаќаат по двата основа зависат од правилниците што поединечно и ЗАМП и ММИ ги изготвуваат во рамки на своите организации:

  • Правилникот со Тарифа за кристење на авторски музички дела во случајот на ЗАМП.
  • Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби во случајот на ММИ.

СОГЛАСНО ПРАВИЛНИЦИТЕ НАДОМЕСТОКОТ СЕ ОДНЕСУВА ЗА:

  1. Радиодифузно емитување и кабелско реемитување кое ги опфаќа:
  • Јавното Радиодифузно Претпријатие – ЈП Македонска радиотелевизија;
  • трговските радио дифузни друштва, на локално, регионално и државно ниво;
  • непрофитни радиодифузни установи;
  • сателитско емитување;
  • емитување преку сателит по пат на средства за декодирање на сигнал и
  • кабелско реемитување радио и телевизиски програми во кабелска мрежа.
  1. За повремено или постојано јавно соопштување на фонограми и изведби во:
  • угостителски објекти (сите видови), кои дејноста ја обавуваат врз основа на лиценца, за исхрана и пијалаци, локали и објекти кои не служат алкохол, во кои понудата не се консумира на лице место и угостителски објекти за сместување – хотели;
  • трговски и други работни простории во кои се вбројуваат трговски центри, супермаркети, стоковни куќи, продавници, постојан изложбен трговски простор, деловна просторија, берберски или фризерски салон, козметички салон, салон за убавина, занаетчиски дуќани, здравствена установа, агенција, банка, бензинска пумпа, производствен погон или слично;
  • превозни средства, кино-сали, театри, музеи, галерии, изложби, спортски простори, стадиони, забавни паркови и зоолошки градини, аква-паркови и ексклузивни забавни паркови, училишта за танцување, салони за игра, казина и обложувалници, аеробик и фитнес клубови, музички автомати, војнички установи, верски објекти, гробишта и крематориуми, јавни паркинзи и гаражи, телефонски услуги, интернет услуги и др.

www.ugostitelstvo.mk

III. Симул кастинг, односно веб-кастинг и ринг-тонови

  1. За концерти и други манифестации, забавни и други приредби
  2. За изнајмување фонограми и видеограми

Макдонската музичка индустрија како организација овозможува склучување на поединечни договори со здруженија од посебна категорија корисници, согласно кој може да важат посебно договрени повластени услови.

Во таа насока Здружението за угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија во јули 2014 година склучи Општ договор со ММИ согласно кој за членките на Здружението, важат посебни повластени цени согласно Тарифникот. Со него е договорено, за периодот 2013 и 2014 година, да се намали надоместокот за повеќе од 70% согласно првично предвидените  износи во Правилникот. Хотелиерите за пуштање македонска музика да платат по два денара од секое реализирано ноќевање. Угостителите, пак, во зависност од големината на своите објекти, ќе плаќаат: локалите со површина до 50 метри квадратни ќе плаќаат вкупно 90 денари месечен надомест, оние со површина од 50 до 100 метри квадратни  по 144 денари, а најголемите, со површина над 100 метри квадратни – 270 денари. Овој надоместок важи само за членките на Здружението, а оние што не се членки на Комората ќе плаќаат надомест кој е и до три пати поголем, по 1 евро од бод. Како членки на Здружението на угостителството и туризмот, фирмите (ресторани, хотели, барови и сл.) се должни да достават податоци колку ноќевања реализирале или колкава е површината на локалите врз основа на што се утврдува цената согласно Тарифникот за користење фонограми и снимени изведби.

Компромисот е постигнат по две години меѓусебни преговори, односно откако угостителите – членки на Комората, алармираа дека согласно деталното согледување и направените пресметки за нивната обврска по Предлог-тарифата за користење фонограми и изведби, износите што треба да ги плаќаат се нереално високи и не се во согласност со општите економски показатели за земјата.

Со ЗАМП, Стопанската комора на Македонија нема постигнато посебен договор со кој би важеле повластени цени за членките на Комората, поради што корисниците плаќаат согласно Тарифникот.

Слични написи