Здружението на угостителството и туризмот со низа предлози за интервенции во законите од туристичкиот сектор

by ugostitelstvo.mk

НАМАЛУВАЊЕ НА ДДВ ОД 18 НА 5 ОТСТО НА ХРАНАТА ВО РЕСТОРАНИТЕ 

Здружението за угостителството и туризмот, на седницата одржаната во Стопанската комора на Македонија (4.12.2014 година), предложи серија иницијативи и измени на законски прописи од дејноста туризам и угостителство, во насока на обезбедување подобар бизнис-амбиент во секторот туризам и угостителство.

На состанокот присутните разговараа за предложените измени на Законот за угостителска дејност со кои, според предлагачот на законот,  целта е  да се овозможи реализација на Проектот „Категоризација на индивидуални сместувачки капацитети и on-line-платформа за следење и промовирање на сместувачките капацитети во сите туристички места во државата“. На овој начин Министерството за економија ќе располага со податоци на државно ниво за сите категоризирани објекти на физички лица кои нудат услуги за сместување, за нивен натамошен развој, промоција и афирмација. Овие податоци, на месечна основа, ќе бидат доставувани до Министерството за економија, од страна на општините, кои согласно Законот имаат надлежност да ја спроведат постапката за категоризација на угостителските објекти на физичките лица.

Присутните на состанокот посочија дека издавањето објекти од физички лица претставува нелојална конкуренција на хотелските капацитети во државата, а како сериозен проблем беше потенцирано и издавањето објекти на дневна основа за кои не постои евиденција. Присутните на состанокот разговараа и за други недоречености и неусогласености на Законот со тековното работење. Заради тоа, беше заклучено дека забелешките ќе бидат доставени до сите членки на Здружението со цел да се дополнат или да се дадат и други предлози и како предлог-забелешки, на иницијатива на Здружението, ќе бидат доставени до ресорното министерство. За угостителите сериозен проблем и финансиски товар останува плаќањето на 18% ДДВ на храната што се служи во угостителството, имајќи предвид дека за прехранбените производи како влезна суровина се пресметува 5% ДДВ. За таа цел, на состанокот беше формирана работна група која во следниот период ќе изработи конкретна анализа врз основа на која ќе биде поднесена иницијатива до  надлежните државни институции за намалување на ДДВ во рестораните од 18 на 5 % по теркот на ваквата одлука за ноќевањата.

Учесниците на состанокот беа информирани и за Заклучоците од Регионалната конференција на тема: „ЦЕФТА-регионот – единствена туристичка дестинација“, што се одржа на 12.11.2014 година во Црна Гора. Заедничка констатација е дека треба да се работи на реализирање на овие заклучоци, поради што истите ќе бидат и официјално доставени до државните институции надлежни за туризам во насока на нивно имплементирање и креирање амбиент за остварување на клучната цел на Конференцијата –  креирање единствени туристички производи, по коишто туристите ќе го препознаваат регионот како една туристичка дестинација.

Слични написи