ТОПЛАТА ВОДА СТАВИ КАТАНЕЦ НА ХОТЕЛИТЕ ВО БАЊА БАНСКО

by ugostitelstvo.mk

Еден од двата поголеми капацитета, хотелот „Атлантис палас“ е затворен, додека „Цар Самоил“ проблемот го реши со греење со нафта.

Струмица – Хотелот „Атлантис палас“ во Бања Банско, еден од двата поголеми сместувачки капацитети, не работи веќе еден месец. Тој е затворен, а вработените се на принуден одмор. Причина за тоа според сопственикот Сашко Дончевски е секнувањето на топлата вода од страна на концесионерот АД „Оранжерии Хамзали“. Дончевски вели дека сите договорени аранжамни се откажани и оти трпат големи загуби.

„Ние сакаме да плаќаме за потрошената топла вода, но тоа да биде на начин како што беше порано, односно да плаќаме директно на државата, а не на поединци. Цената од 32 денара за еден кубик е многу висока и ние не можеме нормално да работиме со такви цени. Бараме да се врати поранешниот начин на плаќање, кога и ние имавме концесија врз термалната вода и плаќавме по 18 денари за кубен метар. Но, државата решила да и’ ја даде концесијата на една фирма и нормално е дека тој ќе сака да заработи“, вели Дончевски.

Тој додава дека штетите се немерливи, а договорените аранжмани за новогодишните празници ќе се обидат да ги реализираат со затоплување на хотелот со струја.

„Нашиот хотел има капацитет од 17 соби. Ќе настојуваме да не ги откажеме новогодишните аранжмани за да заработиме нешто. Ќе го загрееме хотелот на струја, но, колку ќе ни се исплати тоа, ќе видиме“, додава Дончевски.

Во најголемиот сместувачки капацитет во Бања Банско, хотелот „Цар Самоил“, проблемот со затоплувањето и користењето на топлата вода го решаваат со греење на нафта. Велат дека со тоа трошоците им се зголемени, но дека се принудени на тоа поради договорените аранжмани.

Концесионерот на топлата вода, АД „Оранжерии Хамзали“ во вчерашата изјава рече дека нема ништо спорно во секнувањето на водата. Вели дека работи во согласност со законските прописи и оти повеќе нема да може бесплатно да ја користат термалната вода, како хотелските капацитети, така и земјоделците кои со топлата вода ги загреваат пластениците со раноградинарско производство.

„Што се однесува до обвинувањата на хотелиерите дека поради мене трпат загуби, тврдам дека тоа не е точно. Тие досега беа толерирани од моја страна за долгот кој го имаат во висина од скоро 2 милиони денари и затоа водата им е секната од пред еден месец“, изјави вчера Васе Митев, сопственик на АД „Оранжерии Хамзали“, концесионер на термалната вода во Бања Банско.

Пред три дена раноградинарите од ова село со мирен протест пред изворот на термалната вода го искажаа своето незадоволство, од како што рекоа, игнорантскиот однос на концесионерот кој не им дозволува натамошно користење на топлата вода. Тие се заканија дека нема да ги пуштат децата на училиште доколку не се реши проблемот и не биде утврдена цена за користење на термалната вода која ќе биде прифатлива за нив.

Ристо Тасев

Извор вести.мк

Слични написи