Охрид како туристичка дестинација претставен во Чешка, Шведска и Црна Гора

by ugostitelstvo.mk

Атрактивноста на Охрид како туристичка дестинација е претставена во посебни патеписни репортажи во специјализирани списанија и магазини за туризам „Тravel trade Gazette“ во Чешката Република, „Lysekilsposten“ во Шведска и во последното издание на црногорскиот „Кафе Монтенегро”.

Според охридската локална самоуправа, објавените репортажи се резултат на успешната промоција на туристичката понуда на Охрид што се одржа во ноември во Прага и воспоставените партнерства и соработка со значајни медиуми и личности, но и активностите на дипломатските претставници во овие земји.

„Тravel trade Gazette“ е едно од најчитаните списанија за туризам во Република Чешка, кое се издава повеќе од 50 години. Во него се промовирани светски познати дестинации, а магазинот соработува со реномирани светски туристички агенции. “ТТG” Чешка е дел од светската мрежа медиуми кои се занимаваат со туризмот, а свои изданија има во Велика Британија и Ирска, Унгарија, Италија, Полска, Русија, Азија итн.

Низ живописна и емотивна репортажа Охрид е презентиран и во шведскиот печатен медиум „Lysekilsposten“. Репортажата е објавена од страна на Лaрс Мелкерсон кој летово престојуваше во Охрид.

На инцијатива на македонската Амбасада во Подгорица, во летниот период во Охрид престојуваше и новинарска екипа од туристичкиот магазин „Кафе Монтенегро”, каде неодамна е објавена и репортажа за туристичките потенцијали и капацитети на град Охрид. Инаку, списанието „Кафе Монтенегро” излегува месечно во тираж од 30 илјади примероци.

Природните убавини како и богатото културно-историско наследство на Македонија и на Охрид неодамна беа претставени и на Меѓународниот саем за туризам што од 4 до 7 овој месец се одржуваше во турскиот град Измир.

Притоа биле остварени средби со претставници на поголемите тур-оператори во Турција, кои веќе на својата понуда имаат кружни тури во кои е вклучена Македонија, а биле запознаени со поддршката што Македонија ја дава во вид на субвенции за спроведување организиран туристички промет во земјата.

Слични написи