Кога го сечете сирењето пред гостите мора да знаете кој нож треба да се користи за одреден вид сирење. Важно е да ја отстраните кората на сирењето за да можете правилно да ги исечете кришките, што е истовремено и економично, бидејќи нема да Ви останат неискористени, неизедени парчиња сирење, кои не би можеле да се употребат за понатамошно консумирање.
Се сечат меките, тврдите и многу тврдите сирења, а за секој вид е потребен посебен прибор кој одговара на сирењето. Покрај ножот кој е соодветен за даденото сирење, потребна е и даска за сечење, како и лопатка која ќе ви помага во маневрирањето.
Сирењето богато со сина мувла е многу масно, па неретко се рони при сечење. Затоа, пред сечењето на секоја кришка, се препорачува ножот да се загрее во врела вода.
Сирењето богато со бела мувла е направено во величина од еден до два оброка, завиткано е во станиол и спакувано во дрвени кутии. Пред да се консумира, се вади од кутивчето, станиолот се развиткува со помош на вилушка и нож, а бидејќи ова сирење е полутечно, се служи само по желба на гостите.
Многу тврдите сирења најмногу се користат како додатоци во одредени јадења или како десерт. Може да се служат како искршени, искинати парчиња, во големина на залак.
Сирења во маринада, или сирења натопени во маслиново масло, вино, ракија и слично. Пред сечење треба нежно да ги истругате за да го отстраните надворешниот растопен слој.
Сечење според облик на сирењето
Ако се сече сирење со тркалезен облик за еден или два оброка, треба од него да извадите триаголнесто парче, а понатаму продолжувате да ги сечете кришките во еднаква големина.
Сирење со правоаголен облик се сече директно на плочки, не подебели од 1,5цм.
Овалното сирење се сече по ширина, па една или две кришки се доволни за еден оброк.
Сирење со тркалезен облик се пресекува по ширина и од двете половини се сечат помали парчиња во клинест облик.
Пирамидалното сирење се сече рамно од потенкиот кон подебелиот дел или може да се пресече на средина, на 2 или 4 дела од кои ќе се исечат кришки еднакви по големина.
Малите сирења никогаш не се сечат, туку во чинијата се служат во својот изворен облик, директно пред гостите.