Значењето на туризмот во економската активност на Македонија

by ugostitelstvo.mk

За да може да се согледа и анализира придонесот на туризмот во економската активност на Македонија, потребно е да се располага со соодветни податоци, првенствено за целокупниот туристички сектор на Македонија. Меѓутоа, недостатокот на податоци во голема мерка ограничува во обидот да се спроведе сеопфатна анализа со цел да се согледа и до некаде, да се квантифицира економската корист од туризмот во Македонија.

 

  • најнапред е анализиран придонесот на туризмот во вкупната економска активност изразен преку БДП создаден во хотелскиот и ресторантскиот сектор.
  • Потоа, следи анализа на вработените во туризмот и можноста за генерирање нови работни места.
  • Значењето на туризмот во економската активност е заокружено со анализа на платниот биланс, поконкретно на нето приливите од туристички услуги.

 

Во тој обид, појдено е од постоечката класификација за категоризирање и средување податоци, па наместо тие да се однесуваат за пошироката туристичка индустрија (како што впрочем е и случај насекаде), користени се податоци кои се лесно достапни, а се однесуваат првенствено на секторите хотелиерство и ресторани. Оттука, сосема очекувано, поради погоре опишаните ограничувања, прикажаните податоци несомнено го потценуваат вистинското значење на туризмот за македонската економија.

 

  1. ПРИДОНЕСОТ НА ТУРИЗМОТ ВО ЕКОНОМСКА АКТИВНОСТ НА МАКЕДОНИЈА

 

Година БДП во мил денари Учество на туризмот во БДП во мил денари Раст на туризмот во % Учество на туризмот во БДП
2008 345239 4954 5,9 1,43
2009 342062 4528 -8,6 1,32
2010 351963 4406 -2,7 1,25
2011 361714 4460 1,2 1,23
2012 360322 4561 2,3 1,26
2013 370809 4657 2,1 1,26

 

Споредено со светскиот просек (3.2% во 2009 година), може да се заклучи дека придонесот на туризмот во Македонија е скромен, меѓутоа овој заклучок се менува доколку се спореди со просекот за Централна и Источна Европа кој изнесува 1.6%.

 

 

  1. ТУРИЗМОТ И ВРАБОТЕНОСТА ВО МАКЕДОНИЈА

 

Вработени според секторите на дејност
  2009 2010 2011 2012 2013
Објекти за сместување и сервисни дејности со храна 21 854 22 246 23 574 23 507 23 986
Вкупно вработени 629 901 637 855 645 085 650 554 678 837
% на вработени во туризмот 3,5 3,5 3,7 3,6 3,5

 

Недостатокот од соодветни статистички податоци, повторно се јавува како ограничувачки фактор. Во отсуство на подетални податоци од кои може да се увиди бројот на вработените во туристичките агенции, туроператорите и другите туристички посредници, анализата се темели единствено на податоците за бројот на вработени во хотелите и рестораните во Македонија. Според неофицијалните податоци, бројката на реално вработени во туризмот, во хотелите и рестораните е околу 50 000 (околу 15 000 нерегистрирани работници со полно работно време и 15 000 нерегистрирани работници кои се ангажираат на повик).

Од една страна, динамиката на вработеноста во туризмот е одраз на порастот на туристичката активност (мерена преку БДП создаден во туризмот). Но, од друга страна, фактот дека порастот на учеството на вработените во туризмот во вкупниот број вработени го надминува порастот на учеството на туристичкиот БДП во вкупниот БДП, го одразува трудоинтензивниот карактер на туризмот. Тоа потврдува дека навистина развојот на туризмот во Македонија може да иницира поинтензивно создавање нови работни места, а со тоа да придонесе во намалувањето на невработеноста. Така, според спроведените десетгодишни предвидувања на Светскиот патувачки и туристички совет (World Travel and Tourism Council), се очекува во Македонија бројката на вработени во туристичката индустрија да се движи во нагорна линија и во 2019 година да достигне до 40 000 работни места, што би претставувало 6.2% од вкупното работоспособно население, односно 1 работно место во туризмот на секои 16.1 работни места.

 

  • ПЛАТНОБИЛАНСНИТЕ ЕФЕКТИ НА ТУРИЗМОТ ВО МАКЕДОНИЈА

 

ПЛАТЕН БИЛАНС НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

(во милиони евра)

година 2008 2009 2010 2011 2012 2013
Стоки и услуги -1.745,6 -1.537,2 -1.400,1 -1.545,7 -1.698,4 -1.497,4
извоз 2.878,9 2.143,6 2.728,8 3.441,3 3.374,0 3.510,0
увоз 4.624,5 3.680,8 4.128,8 4.987,0 5.072,5 5.007,4
Стоки -1.933,6 -1.742,5 -1.532,0 -1.904,9 -2.007,9 -1.858,1
извоз 2.022,2 1.350,9 1.981,3 2.396,5 2.307,2 2.370,3
увоз 3.955,8 3.093,4 3.513,3 4.301,3 4.315,1 4.228,4
услуги 188,0 205,3 132,0 359,2 309,4 360,6
извоз 856,8 792,7 747,5 1.044,9 1.066,8 1.139,7
увоз 668,7 587,4 615,5 685,7 757,4 779,0
Патување 62,7 84,0 79,7 91,2 96,1 102,5
извоз 155,2 156,2 149,6 172,0 183,1 200,8
увоз 92,4 72,2 69,9 80,8 87,0 98,3

Извор: НБРМ

Во овој контекст, забележуваме дека до сега, во Македонија не се спроведени конкретни истражувања и анализи за да се утврди вредноста на мултипликативниот ефект од туризмот. Меѓутоа, имајќи ја предвид слабата меѓусекторска поврзаност и трговскиот дефицит, не се очекува мултипликативниот ефект од туризмот во Македонија да биде многу висок.

 

Нето приливи од туризам во избрани земји, во 2008 година

 

Земја мил. евра % од БДП
Бугарија    900  2.6
Грција 9 000  3.8
Унгарија 1 400  1.3
Словенија 1 000  2.7
Хрватска 6 700 14.3
Србија1 – 2007  -128  -0.4
Македонија     63   1.0

Состојба на директни инвестиции во Република Макединија-по дејности, 2009-2013

во милиони евра

    Дејности 2009 % 2010 % 2011 % 2012 % 2013 %
Сместување и послужување 47,66 1,52 55,93 1,72 54,90 1,52 41,53 1,13 35,45 0,89
ВКУПНО 3.141,38 100,00 3.255,97 100,00 3.615,08 100,00 3.685,54 100,00 3.979,97 100,00

     Извор: НБРМ

 

  1. ЗАКЛУЧОК

Од претходните анализи, а имајќи ги предвид туристичките тенденции во Централна и Источна Европа, произлегува дека придонесот на туризмот во економијата на Македонија е значаен, првенствено изразен преку учеството во создавањето на БДП (1.25%) и особено во генерирањето нови работни места (3.4%). Меѓутоа, компаративната анализа покажа дека сеуште постои простор за унапредување на девизниот прилив од туризмот (само 1%), што бара преземање мерки и активности за привлекување поголем број странски туристи. Последователно, со цел да се согледа целокупниот придонес на туризмот во економијата на Македонија, неопходно е во рамки на Системот на национални сметки да се изработи Туристичка сателитска сметка. На тој начин, од една страна би се добила прецизна слика за директните и индиректните ефекти од туризмот, а од друга страна, би се овозможило меѓународна споредливост на постигнувањата од туризмот. Поради многубројните потешкотии и ограничувања во поглед на обезбедувањето сеопфатни и проверени статистички податоци, особено на ниво на туристичката индустрија, реалното оценување на влијанието на туризмот врз економијата на Македонија е многу отежнато и речиси неостварливо.

Изработка на специјален статистички систем – ТУРИСТИЧКА САТЕЛИТСКА СМЕТКА, кој би обезбедил навремено, целосно и точно следење на приходите од туризмот по сите основи, што би дало и реална слика за вкупните приходи од туризмот како значен дел од Бруто домашниот производ. Со ваков проблем се соочуваат повеќето земји во регионот.

Согласно сето ова се констатира дека со развој и поддршка на туризмот во Македонија, како и обезбедување на условите за негов развој, се стимулира развој на регионот воопшто. Туристите транзитираат низ земјите од опкружувањето, изградбата на патната инфраструктура значи поврзување и со инфраструктурата од регионот, воведување на нови авио линии и поврзување по воздушен пат со земјите од Балканот и југо источна Европа значи олеснет, брз и ефикасен транспорт.

Развојот на туризмот, Владата на Р. Македонија го гледа и преку реализирање на проектот за туристички развојни зони, за кој веќе е донесен и законот и согласно истиот, се уредуваат погодностите за инвестирање во туристичките развојни зони. Целта на донесување на овој закон е забрзување на економскиот развој со привлекување на странски и домашен капитал за развој на туризмот и националната економија, зголемување на конкурентноста и зголемување на вработувањето.

 

 

 

 

Слични написи