ЦЕФТА РЕГИОН – ЕДИНСТВЕНА ТУРИСТИЧКА ДЕСТИНАЦИЈА

by ugostitelstvo.mk

Успешниот развој на туризмот има повеќекратно влијание на земјоделството, трговијата, сообраќајот и другите гранки на индустријата, како во рамки на нашата земја така и регионално и уште пошироко – глобално. Туризмот како економска активност е неспорно најразновидниот сектор и сектор со најширок опсег во споредба со кој било сектор во економијата, поради тоа што има поголем број значајни врски и економски поврзаности со други сектори отколку која било друга економска активност и оттука, има важна улога во економскиот развој.

Во таа насока Република Македонија има визија преку домашниот туризам да изгради имиџ на препознатлива европска дестинација за туризам, базиран на културното и природното наследство. Туризмот има значајна улога во привлекување нови инвестиции, креирање нови работни места.

За таа цел, Македонија во Националната стратегија за развој на туризмот работи на креирање туристички производ, со богата комбинација од културно и природно наследство, со акцент на веќе добро промовираниот езерски туризам, како и на алтернативниот туризам за кој има соодветна подлога за развивање. Македонија има атрактивни села, цркви, манастири, национални паркови, можности за еко-туризам, рурален и авантуристички туризам, спортски активности. Неспорно дека туристичките дестинации освен  самостојно, може да бидат промовирани и развивани преку заеднички туристички производи креирани на регионално ниво. Во оваа смисла, како туристички производ во рамки пред се на ЦЕФТА регионот, може да бидат врзани тури од апсект на историското минато, кое привлекува интерес кај странските туристи. Развој на спа туризмот и различните форми на СПА објекти во земјите од ЦЕФТА. Секако тука е и езерскиот туризам (имајќи во предвид дека дел од земјите членки на ЦЕФТА се класично континентални, без излез на море). Комбинацијата на врзани тури со преставување на езерски и морски туризам, како и разните форми на алтернативен туризам се доволен мотив за да се креираат различни видови туристички производи. Она што треба да се направи е креирање на приказни, согласно перспективите што ги нуди регионот од аспект на туризмот.  

Во 2013 година, согласно официјалните статистички податоци, има значително подобрување на целокупната туристичка слика во Република Македонија, при што кај вкупниот број туристи има зголемување од 5,8%, а ако се анализира само бројот на странски туристи тогаш има зголемување на 13,8% во однос на истиот период за 2012 година.

Зголемувањето на бројот на нови вработувања во туристичкиот сектор и тоа за 35,3% и константното зголемување на девизниот прилив во земјата, укажува дека растот во овој сектор е 2 до 3 пати поголем од просечниот светски раст.

Износот на субвенциите за 2014 година изнесува 2,5 милиони евра, што е речиси  двојно повеќе од 2013 година, кога беше 1,2 милиони евра, а од почетокот на овој месец воведени се и три нови авио линии на нискобуџетни компании за Париз, Брисел и Франкфурт, со што дополнително се очекува да се зоглеми бројот на туристи во Република Македонија.

Земјата изминатиот период имаше агресивна кампања во земјите од регионот во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Косово, Албанија, а дел од средствата беа одвоени за Полска и Шведска.

 

2009 2010 2011 2012 2013
Вкупно Странски Вкупно Странски Вкупно Странски Вкупно Странски Вкупно Странски
587 770 259 204 586 241 261 696 647 568 327 471 663 633 351 359 701 794 399 680

 

Според извештајот од Светскиот совет за туризам и патувања, во 2013 година Македонија од туризмот заработила околу 100 милиони евра, што одговара на 1,3% од БДП. Споредено со земјите од регионот, Хрватска има најголем бенефит од туризмот од 6,1 милијарди САД долари. Црна Гора и Босна и Херцеговина  заработиле по 500 милиони САД долари. Бугарија има директен приход од туризмот од 2 милијарди САД долари а Грција од 14,2 милијарди САД долари.

 

Земја мил. евра % од БДП
Бугарија    900  2.6
Грција 9 000  3.8
Унгарија 1 400  1.3
Словенија 1 000  2.7
Хрватска 6 700 14.3
Србија1 – 2007  -128  -0.4
Македонија     63   1.0

 

Ова јасно говори дека Македонија, заедно со Србија, како земји кои немаат излез на море, треба повеќе концентрацијата да ја насочат кон развој на алтернативен туризам (планински, еко, бањски туризам).

Според Стратегијата за развој на туризмот во Македонија до 2015 година, се планира учеството на оваа дејност во Бруто домашниот производ да биде од 4 до 5 отсто.

 Туристичката индустрија, во голем дел е активност предводена од приватниот сектор, но бара поддршка од позитивната рамка на јавниот сектор и овозможување средина која би го помогнала напредокот. За таа цел, на државно ниво поставени се препораки во неколку сегменти, со цел национална поддршка за натамошен развој на туризмот и зголемување на неговото учество во Бруто домашниот производ на земјата.

  1. Прв приоритет е развој на македонски туристички производи и услуги, со акцент на културните знаменитости, природните убавини, модерни светски хотелски комплекси, категоризација согласно меѓународните стандарди, промоција на Охридскиот регион вон главната сезона, промоција на националните паркови, поддршка и развој на винскиот, рурален туризам, култура и занаети, бањи, лов.
  2. Втор, не помалку важен приоритет, е изградба на модерна патна, железничка инфраструктура, со посебен акцент на финализација на патните коридори 8 и 10. Од особено значење е воспоставување на редовни авиолинии меѓу земјите од регионот како услов за брз и ефикасен транспорт. Соодветната транспортна инфраструктура има клучно значење за привлекување поголем број на туристи во земјата, но е и основа за економски развој на целиот регион на Југоисточна Европа.
  3. Во лепезата препораки, потенциран е економскиот развој на туризмот, за што се предлага изработка на специјален статистички систем – Туристичка сателитска сметка, која би обезбедила навремено, целосно и точно следење на приходите од туризмот по сите основи, што би дало и реална слика за вкупните приходи од туризмот како значен дел од Бруто домашниот производ.

 

Во таа насока Стопанската комора на Македонија преку Здружението на угостителството и туризмот, дава свои мислења и презема соодветни активности, иницијативи за поддршка на стимулативните мерки за зголемување на приходите од туризам и угостителство. 

Оттука, значењето на туризмот како дејност за развојот на една национална економија, па и пошироко, како услов за развој на цели региони, е прашање за кое веќе одреден период наназад и јавно се говори на разни меѓународни трибини, конференции, во рамките на националните економии во регионот. Но она што недостасува се конкретни акции и реализација на идеите. За таа цел, потребно е во рамки на ЦЕФТА асоцијацијата  да се иницираат и да се реализираат идеи за креирање на заеднички регионални туристички понуди, каде таргет би биле и туристите од подалечните дестинации.

Потребата од превземање на конкретни активности во рамки на туристичката индустрија веќе беше во фокусот на  туристичкиот сектор на стопанските комори од југоисточна Европа, во првата половина од 2013 година. Во Белград во мај 2013 година беше дефинирана иницијативата за изготвување на заеднички туристички производ наменет за трети пазари. Ваквата иницијатива произлегува  од низа причини. Во далечната 1990 година Република Македонија ја посетија  еден милион туристи. По распаѓањето на поранешна Југославија и воените дејствија, бројот на туристите во Република Македонија се преполови. Денес и покрај неколку годишниот пораст на бројот на туристите, има регистрирано 702.000 туристи за 2013 година во Република Македонија. Согласно нето приливите од туризмот за земјите од регионот, податоци од 2008 година, Македонија е на претпроследно место, пред Србија. Со овие резултати туристичкиот сектор не е задоволен и бара нови начини за постигнување уште подобри резултати.

Лошите статистички податоци за туризмот денеска, споредени со периодот пред 90-тите години се резултат на повеќе слабоси на регионот во изминатите повеќе од две децении. Големо влијание на намалувањето на бројот на туристите имаше појавата на многу граници на мал простор. Компликуваните царински и контролни процедури го попречуваат слободното движење на луѓето и ги одвраќаат туристите од престој на овие простори. Мало е учеството на туристите од далечните земји (Северна и Јужна Америка, Кина, Индија, Јапонија, Индонезија, Австралија…), иако тие имаат голем број жители.

Заедничкиот производ е веќе докажан на овие балкански простори – ќе се стандардизира понудата, ќе се осмисли со содржина, интересна приказна и доживувања за странските туристи. Програмата соодветно ќе се промовира (студиски групи, медиуми и туристички саеми) и ќе се понуди на сите комерцијални субјекти во туризмот, туристички агенции и туроператори, кои ќе го видат својот комерцијален интерес во работењето со овој нов регионален туристички производ.

Во таа насока Македонија согласно Стратегијата за развој на туризмот, а следствено на тоа и во годишната владина програма, како регионален туристички производ во својата програма веќе го посочува патот по Via Ignatia. Согласно проектот предвидена е и буџетска подршка од околу 50.000 евра, а проектот предвидува, Мапирањето на познатата римска магистрала Via Ignatia, што ќе придонесе за привлекување на љубителите на активности во природа. Како таргет туристи се предвидени и средношколски едукативни екскурзии. Согласно проектот ќе треба да се уредат и соодвтени одморалишта и да се изработи водич со мапа на патот.

           Следствено на наведеното во постот, се даоаѓа до ЗАКЛУЧОКОТ дека:  

            – И СЕГА ИМА РЕГИОНАЛНИ ТУРИСТИЧКИ ПРОИЗВОДИ ИАКО ВО МАЛ ОБЕМ, НО ОНА ШТО РЕАЛНО НЕДОСТАСУВА Е СООДВЕТНО ТЕЛО ИЛИ СТАТИСТИЧКА МЕТОДОЛОГИЈА ВО РАМКИ НА СТАТИСТИЧКИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВО РЕГИОНОТ, КОИ ЌЕ ГИ СЛЕДАТ ПОДАТОЦИТЕ ЗА БРОЈОТ НА ТУРИСТИ КОИ ВЛЕГУВААТ ВО РЕГИОНОТ ПРЕКУ ВРЗАНИТЕ ТУРИ. Ваквите подтаоци треба да бидта основа з анализа на бенефитот од регионалните туристички тури за сите змеји кои се вклучуваат во истите и паралелно на тоа, прфеземање активности во следниот период.

             – Изработка на специјален статистички систем – ТУРИСТИЧКА САТЕЛИТСКА СМЕТКА, кој би обезбедил навремено, целосно и точно следење на приходите од туризмот по сите основи, што би дало и реална слика за вкупните приходи од туризмот како значен дел од Бруто домашниот производ. Со ваков проблем се соочуваат повеќето змеји во регионот.

Слични написи