Охрид заедно со Пловдив ќе развива образовен туризам

by ugostitelstvo.mk

Охрид заедно со Пловдив ќе развива образовен туризам. Овие два града веќе работат на создавање пакет аранжмани за учениците, студентите и професорите кои ќе можат да патуваат во Македонија и Бугарија и да се запознаат со образовниот систем во овие две земји.

„Идејата ни е сите училишта кои го носат името на Св. Климент Охридски заедно со универзитетот во Софија, да можат да испратат ученици и професори во Охрид, во посета на училиштата кои таму се викаат Св. Климент Охридски. На овој начин нашите ученици ќе ги видат убавините на Охрид , а вашите ученици на Пловдив и Софија. Со тоа им нудиме можност да се запознаат со образовните системи во вашата и нашата земја.“ изјави Шени Бојанова, директорка на туристичката агенција „Протравел“ од Пловдив.

 Бојанова вели дека ваквата иницијатива ќе помогне за развивање на добро соседски односи и меѓусебно запознавање на младите од Македонија и Бугарија. Таа додава дека ваквите тури можат да бидат забавни, но и многу корисни.

“Преку овие тури ќе можеме да видиме како растат и се образоваат Македонците и да примениме некои искуства кај нас, а вие пак ќе можете да земете нешто од кај нас. Бидејќи денес со процесот на демократија кај младите во Бугарија малку се поместија животните вредности, сакаме да видиме како е тоа во Македонија.” – додаде Бојанова.

Директорката на агенцијата „Протравел“ од Пловдив наскоро ќе дојде во Охрид за да оствари контакти со туристичките агенции од градот и заедно да изготват пакет аранжмани, но и да види со какви сместувачки капацитети располагаат, за да одредат добра понуда и цена бидејќи сепак во прашање се ученици, па нивниот буџет е ограничен.

Слични написи