Известување до хотелско- угостителските објекти: ИНСПЕКТОРИ ОД МВР, ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО ЌЕ ЛОВАТ РАБОТНИЦИ НА ЦРНО

by ugostitelstvo.mk

Ако инспектори од Министерство за внатрешни работи, животна средина, шумски инспектори или за лов начекаат непријавен работник во некоја фирма ќе имаат одврзани раце да се однесуваат исто како инспектори за труд – односно да изрекуваат глоби, кои во прекршочна постапка достигнуваат и до 11.000 евра, и да ставаат пломби на врата на фирмите. Сите инспекциски служби во земјава наскоро ќе бидат овластени да се справуваат со сивата економија и да ја санкционираат секоја фирма каде што ќе начекаат непријавен работник. Оваа новина е предвидена во измените на Законот за работните односи, кои треба да влезат во владина процедура. Целта на измените е зголемување на ингеренциите на сите инспекции во земјава за да се засили битката со сивата економија.

„Имајќи предвид дека со Законот за инспекциски надзор освен другото, се врши координацијата на инспекциските служби, како и потребата од навремено и ефикасно уредување на состојбата со непријавени работници, се предлага при вршењето надзор на другите инспекциски органи да се вклучи и утврдувањето на непријавени работници кај правните лица. Односно, контролата на пријавувањето во задолжително социјално осигурување да го водат повеќе инспекциски органи во случај на затекнување на непријавен работник, истовремено при вршење на надзорот од својата надлежност“, стои во образложението на предложените измени.

Вакви овластувања ќе добијат инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од санитарен и здравствен, од инспекторатот за животна средина, комунален инспекторат, инспекторатот за транспорт, оној за техничка инспекција, девизен инспекторат, инспекторат за земјоделство, за шумарство и ловство, но и просветен инспекторат, Државен управен инспекторат, инспекторат за локална самоуправа, за градежништво и урбанизам, како и Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи. Тие ако начекаат непријавен работник, ќе можат да изречат забрана за вршење работи на работодавачот и да поднесат барање за поведување прекршочна постапка.
Untitled
Работодавците ги поддржуваат ваквите измени и велат дека тие ќе придонесат во борбата со сивата економија, која му е непријател број еден на легалниот бизнис.

– Ние иако сме работодавци, секогаш сме се залагале за почитување на законите. Сепак, работата на црно, на некој начин е нелојална конкуренција за нас – вели Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи на Македонија.

И синдикалците се за секоја измена што ќе придонесе за создавање ред во делот на работничките права.

– Ние од секогаш сме се залагале за сузбивање на сивата економија и злоупотребите што ги прават некои работодавачи. Затоа ќе ја поддржиме секоја мерка што придонесува за создавање подобра дисциплина и ред во сферата на работните односи – изјави Пеце Ристевски, претседател на синдикатот на индустријата, енергетиката и металургијата, при Сојузот на синдикатите на Македонија.

KАЗНА ОД 11.000 ЕВРА ЗА НЕПРИЈАВЕН РАБОТНИК

Фирма каде што инспекциските служби ќе начекаат непријавен работник може да заработи затворање и казна од неколку илјади евра.

Работодавец кај кој кој било инспектор (откако ќе се донесат измените на законот) ќе најде непријавен работник може да заработи парична казна во прекршочна постапка тешка 11.000 евра. Законот е ригорозен во овој дел и предвидува 6.000 до 7.000 евра казна за работодавецот, односно фирмата, како и 3.000 до 4.000 евра казна за директорот на компанијата. Ако работодавецот е физичко лице казната се движи од 4.000 до 5.000 евра. Kазната се зголемува во зависност од бројот на лицата што ќе се затекнат непријавени. (Дневник)

Слични написи